Паричната помош од 6.000 денари ќе стигне до уште 24 илјади граѓани - Законот за продолжување на рокот стигна во Собрание

Добивај вести на Viber

Откако банките не сакаа да попуштат и децидно ставија до знаење дека ќе им ги дадат шесте илјади денари на граѓаните кои не успеаја навреме да си ги земат само доколку пролонгирањето се стави во законска рамка, Владата сега носи закон со кој рокот за исплата на овие средства се продолжува до крајот на март.

Првично тоа го одлучи на владина седница, а сега скроила и дополнување на првичниот Закон за финансиска поддршка, со кој наместо 25 декември лани, сега финалниот рок е 31 март оваа година.

Пари треба да им се дадат уште на околу 24 илјади граѓани, од кои 22 илјади се оние кои не успеаја да ги ажурираат податоците, а околу 2.000 корисници се оние на кои им беа уважени приговорите. Нив од државната каса вкупно ќе им бидат исплатени нешто над 2,3 милиони евра.

Како што е познато, овој закон се однесува на давање на финансиска поддршка од по 6.000 денари на неколку видови на ранливи категории, и тоа граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица на возраст од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.

Притоа, досегашното законско решение предвидуваше примената финансиска поддршка од 6.000 денари корисниците да ја искористат исклучиво за купување на македонски производи и услуги, во периодот од денот на приемот на парите на трансакциска сметка до 25 декември минатата година.

Повеќе информации за оваа тема прочитајте на Фактор.мк