Пепа Димитрова со моќна порака за поддршка на жените

Поранешната победничка на фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“, Пепа Димитрова, ја претстави новата песна чиј комплетен автор е Владимир Дојчиновски. Станува збор за темата „Лага“ за која сними и спот на повеќе локации во главниот град, а режисер на видеозаписот е Александар Ристовски-Принц.
Пејачката која минатата година промовира етно-џез верзија на празничниот хит „На Велигден“ оригинално отпеан од Џокси вели дека нејзиниот нов проект е моќна порака за поддршка на жените кои самоуверено чекорат кон остварувањето на своите цели.
Естрадната кариера почна да ја гради пред шест години. Вели дека отсекогаш ја сакала музиката благодарение на мајка си и на брат ѝ кој своевремено свирел клавијатури во составот „Гаро и Парамециум“.
- Најмногу се пронаоѓам во забавната, односно, популарната песна. Ја почитувам и народната музика, особено изворните песни, кои ги пеам со душа за себе и за пријателите – искрена е Димитрова.