По пловење низ целиот свет, станав бариста во маалско кафуле во Скопје: Возбудливата приказна на фотографката Јасна Суша

Добивај вести на Viber

По пет години работа на брод и пловидби насекаде низ светот, фотографката Јасна Суша вели дека нејзината професија замрела во времето на коронавирусот. Јасна повеќе од една година е дома во Скопје, зашто некој внатрешен глас ја натерал да се врати на време. Само три недели откако се вратила, на нејзината мајка ѝ бил дијагностициран рак на белите дробови, и по неколкумесечна пауза, таа починала.

Суша е позната во својата бранша, има фотографирано многу наши познати личности, одржано многу изложби, а беше блиска пријателка и фотограф на Есма Реџепова- Теодосиевска. Како личност која сака да оди напред и не се плаши да се обиде во било каква друга професија, Јасна минатата недела во Скопје имаше кусо работно искуство за кое вели дека било трауматично. Сега, додека е на одмор во нејзината омилена Радожда, таа ни раскажа за непријатното работно искуство, а муабетевме и за нејзиниот животен пат кој е сличен на филмска приказна.

„Мојата нова работа толку кратко траеше, речиси и заборавив дека се обидов во некој друг сектор да најдам работа. После моето петгодишно искуство надвор од Македонија, ова искуство за само пет дена ме истрауматизира. Не беше испочитувано тоа што ми беше кажано на интервјуто и јас по пет дена со уште неколку колеги си заминав. Всушност, јас си заминав, некој можеби беше отпуштен само затоа што не се согласи со газдите при обид да ни го променат работното време. Било како било, се обидов да најдам работа во едно маалско кафуле како бариста. Во огласот беше потенцирано дека луѓе без искуство се исто така добредојдени и аплицирав. Обуката беше покриена и речиси три недели имавме тренинг за тоа како се прави кафето, учевме и вежбавме разни рецепти и беше супер забавно сè до моментот кога сфатив дека усниот договор на интервјуто нема врска со описот на работното место. А, јас немам време за губење, па после пет дена си заминав и си дојдов на одмор во Радожда. Тука официјално ја пуштам оваа година да прави што сака и се препуштам на течението на 2020. Некако оваа година на сите ни стави ограничување во движењето, во работата а мене пак ептен!“, вели Јасна. Од еден таков начин на динамичен живот пловејќи низ многу мориња,  одеднаш ѝ се случил сериозен стоп.

„Мојата примарна професија замре во време на Коронавирусот, а за патувањата воопшто да не зборувам. Па, тоа и беше идејата да пробам нешто ново. И научив супер кафенца да правам, па тука на мештаните во Радожда им спремам кафенца и им го доближувам моето краткотрајно, но бесценото искуство“, ни раскажа Суша, која по природа е многу позитивна личност, па и од лошото работно искуство се обидува да извлече нешто добро.  

Последна тура како фотограф на брод, ѝ била низ Медитеранот со сите како што вели преубави пристаништа.

„Но, имав некој внатрешен глас дека треба да си дојдам дома. Не сум некој тип на човек кој е носталгичен, ама кога и да ги затворев очите, некој глас ме викаше да си дојдам дома. И се јавив на мајка ми да и кажам дека сакам да заминам и да се вратам дома, а таа не се согласи баш со мојата одлука, а гледам и зошто после моето прво работно искуство тука. Ама јас, јас не слушам повеќе никој освен себе. Се вратив во кабина и си реков, затвори очи и диши длабоко: слушни се! ДОМА, ДОМА, ДОМА! Ми се отвори патот на сред договор да можам да го земам пасошот во рака и наместо да го фатам авионот накај Аљаска, си купив карта за Белград и си дојдов дома. Три недели подоцна на мајка ми и беше дијагностициран канцер на бели дробови, а после неколку месеци борба, таа почина. Само така длабоко конектирана со себе, можев на време да стигнам дома. Секогаш слушнете се себеси! После цела таа макотрпна борба за животот на мајка ми, ми требаше одмор, да сфатам што ураган ми се случи. Одбивав да се вратам на брод, за да си посветам време на себеси. И, се случи Коронавирусот, и ми го даде целото време на светот да си го посветам. И, пак огромна благодарност затоа што ме затекна целиот тој хаос дома. Не сакам да помислам што ќе беше да бев на сред море, затворена во кабина, неколку месеци во неизвеснот. Иако сите сме во неизвесност од кога се случи пандемијата. Ниеден план не може да се испланира до крај. Сè некако тече по некој проток кој не може да се предвиди, ама тоа има некаква драж, особено за човек како мене, кој прави промени во делот од секундата“, раскажува Јасна која благодарејќи на својата професија прошетала низ многу светски земји.  

„На последниот квиз на Фејсбук, кога ја штиклирав мапата на светот, мислам дека ми излегоа повеќе од седумдесетина посетени земји. Не сум броела, ама еве може да почнам да бројам тука: Англија, Шпанија, Португалија, Турција, Грција, Франција, Норвешка, Данска, Шведска, Доминикана, Куба, Јамајка, Никарагва, Панама, Костарика, Јапонија, Кина, Шри Ланка, Индија прекрасна, Мијанмар, Виетнам, Индонезија, Малезија, Австралија, Нов Зеланд, Канада, ох, Габон ќе го заборавев, Габон, западна Африка...моја Африка. И Оман, и Дубаи, и Перу, Чиле, Аргентина, јооој Монтевидео, Уругвај, Фолкландски острови...Ах, Антарктик, незаменливиот јужен пол, и после тоа се обидов да бидам бариста во маалско кафуле во Макдонија“, низ насмевка вели Суша.

„Гарант заборавив некоја држава, како на пример Египет, па пирамидите, па Нил, храмот на Хатшепсут, долината на кралевите, Луксор, Карнак и Јордан со величенствената Петра, ух, и Камбоџа и посетата на Ангор Ват. Тајланд. Бермуда. Бахами итн. Морам и Хаваите да ги споменам, а и јужно-пацифичките острови, како Вануату, Паго Паго и други.  Извинете, ама како да не го споменам Гибралтар?! Едно од моите омилени пристаништа“, додава Јасна за местата што ѝ се при срце.

Највозбудливото а воедно и најдолго патување ѝ било на линијата Саутемтон, Англија до Сингапур и назад. Биле тоа цели 119 дена патување, низ Медитеранот, па низ Суецкиот канал со колегите се пуштиле во Аденскиот залив, па Индискиот океан. Целото ова патување, Јасна го опишува како „мераци“.

„Дури сега во ова лудо време на Корона, освестувам дел во себе, дека каков и да биде исходот од цела оваа несреќа која го снајде човештвото, јас до сега направив сè што посакував и дишев со полни бели дробови, како да навистина чувствував дека нешто вакво доаѓа и дека нема да можам да мрднам подолг период никаде. Сега веќе полека се навикнувам, ама почетокот на пандемијата многу лично го сфатив и баш ме тресна. Сега сите сфативме што значи слобода. Па, ако телото не можам да го прошетам слободно, се обидувам да шетам со мислите, низ сеќавањата, фотографиите, а воедно да бидам тука и да уживам во секој момент од сегашноста“, раскажува фотографката. За нештата што ѝ недостасуваат од бродскиот живот, има оригинално објаснување.

„ Колку и да раскажуваме, ние, морнарите, за бродскиот живот, нема да можете да не разберете. Тоа е еден начин на живот кој можете да го гледате од две страни. Како слобода или ропство! Изборот е на морнарот. Во мојот случај беше слобода. Она чувство кога ќе се качите на палуба и ќе дишете чист морски воздух, ви ја ослободува мислата отаде линијата каде што се спојува небото со водата. Сите нијанси на сино, сиво, оној тиркиз на Индискиот океан немаат цена, ниту споредба со нешто друго. Бесценети се тие моменти. За сите зајдисонца на Карибите, за звукот од допирот на перките на китовите по водите на Аљаска, појадок на Медитеранот со среќните делфини кои го следат бродот. За тишината на Антарктикот, за молитвите пратени надвор од земјината топка. Одронот на мраз од глечерите на Аљаска. И после тоа се обидов да бидам бариста во маалско кафуле во Македонија“, се сеќава со љубов Јасна на убавините кои ги доживеала, и одново на обидот да се исброба себеси во новата работа.

„Се обидувам да не ми фали бродот, ама често се фаќам себеси во размисла: Ах, да не беше оваа Корона, којзнае каде ќе бев. Ама тука сум, и повторно, без патетики и носталгии, можеби е време за некакви промени. Ќе видиме што ќе донесе животарецов минлив“.

Од новото , неуспешно работно искуство, таа вели дека научила оти сега е сè на светот, само сега постои.

„Сега за сега, Радожда, белвица, и добра домашна ракија од јаболки. Убав септември, топол, мирен. Полека почнува да жолтее и да мириса на пиперки. Го слушам Охридското езеро како се бранува и ме потсетува на сите убавини кои ги доживеав со звуците на морските бранови. А, од новово искуство, па се надевам дека газдите ќе извлечат поголема поука од мене. Работникот треба да се почитува бидејќи тој ги прави парите за газдата и кон него требаат да се однесуваат со респект, а не како да бришат под. Бидејќи сите сме заменливи, нели?Јас сум побогата за уште една авантура во животот, ама не го доживеав како некој голем потрес. Сепак не си отидов незадоволна од National Geograpic“, вели Јасна за крај, повторно насмевнувајќи се, и искрено верувајќи дека наскоро ќе вдишува воздух од некои нови мориња. А тогаш, ќе ужива во убавата езерска сегашност.

Милица Џаровска