Почина Христијан Неделковски: Чекаше трансплантација на срце

Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“ со огромна болка и жалење информираше дека почина 31-годишниот Христијан Неделковски кому пред 8 години му беше вградено вештачко срце и беше во ургентна состојба, итно му беше потребна трансплантација на срце.
„Премногу изгубени години во макотрпно чекање и исполнување на „ветувањата“ од сите институции. Толку вреди еден човечки живот кај нас, за жал, што дури 8 години ниту еден од надлежните не се потруди да му помогне за да го најде својот спас надвор од нашата земја. Почивај во мир, Христијан, вечно ќе ни недостасуваш, храбро срце!“ - информираа од „Храбро срце“.
Инаку Христијан беше првиот пациент во Македонија со имплантирани две пумпи Бивад.
Досега изгубивме тројца пациенти кои не ја дочекаа својата втора шанса за живот, велат од здружението, а останаа уште двајца пациенти со пумпи Бивад, на 27 и 32 - годишна возраст.
„Не можеме да си дозволиме да ги изгубиме и нив“ - потенцираат од „Храбро срце“.
Пред околку еден месец, здружението апелираше Фондот за здравство да дозволи итна трансплантција, но одговорот од државните институции како што е Министерството за здравство и Фондот за здравство, било дека „тоа ќе се почне, тоа е во план, и дека сега коронавирусот е причина“.
Христијан се успокои во својата 31 годишна возраст.
Пред точно еден месец, на 23-ти мај, во Македонија беше успешно извршена првата трансплантација на срце од починат донор.