Првата жена - Имам во Данска: Се бори за правата на жените и верува дека реформите се составен дел од исламот

Шерин Канкан, која ја отвори женската џамија Маријам во Копенхаген, верува дека реформите се составен дел на исламот.
Родена во 1974 година, од татко - сириски муслиман и мајка - христијанка од Финска, првата жена имам во Данска - Шерин Канкан, стапна на јавната сцена за време на состанок на различни култури.
Во 2016 година, заедно со група муслимански академици, ја основаше џамијата Маријам во Копенхаген, една од првите во Европа што ја водат жени.
"Се започнува со човечкиот глас. Фактот дека црниот роб беше првиот што ги повика муслиманите на молитва, зборува многу за односот кон луѓето со темна кожа тогаш и сега", рече таа за Ал Џeезира, додавајќи дека реформите не се нова работа во исламот, туку важен дел од верата.
„Го читавме Куранот со фокус на родовата еднаквост. Верските институции се патријархални, затоа се обидовме да ги предизвикаме структурите од внатрешните редови“.
Џамијата во главниот град на Данска има три централни мисии: борба за правата на жените да бидат имами, промовирање на правото на мешани бракови кога станува збор за религии, поддршка на правото на развод.
Кога сопружниците се од различна вера ...
Од отворањето на џамијата, од склучени 50 бракови, повеќе од половина се со различна вера.
„Брзо сфативме дека една од најактуелните дилеми во нашето време меѓу муслиманската младина е прашањето за бракови во кои се сопружници со различна вера“, вели Канкан.
Пред пандемијата на коронавирусот да ги затвори џамиите, пар со различни вери дојдоа од Париз и имаа муслиманска церемонија, каде зборуваа и невестата, и младоженецот.
Во традиционалните муслимански свадбени церемонии имамот обично дава краток говор.
Овој пар од француската престолнина имаше и граѓанска свадба три години порано.
"Идеите за џамијата Маријам се во согласност со сегашниот тренд на глобализација на светот. Луѓето патуваат низ планетата и запознаваат луѓе со различни приказни. Не можеме да ги натераме луѓето да веруваат во што веруваме. Џамијата Маријам, до одреден степен, помага на оваа нова генерација на луѓе, меѓу кои сум и јас, која сакам да продолжам да верувам и да практикувам ислам, но да живеам во немуслиманска држава “, додава Канкан.
Четири години откако ги отвори своите врати, џамијата доби барање за истополов брак.
Иако водачите на џамијата немаат лични забелешки, тие не се согласија да ја водат церемонијата.
„Ние веруваме во љубовта, но постои разлика помеѓу поддршката и спроведувањето на нешто ... Ние не правиме такви работи во моментот, но не знаеме што носи утре", истакнува Ханкан.
Кога џамијата се отвори во 2016 година, западните медиуми беа фокусирани на Канкан.
Една година порано, режисерот Мари Сковгард ја снимаше Канкан како дел од документарниот филм Реформаторот.
Додека се обидуваше да го продаде филмот на радиодифузерите, Сковгард се соочи со одбивање, велејќи дека приказната на Канкан не ги исполни нивните очекувања.
Полемиките биле „таа не личи на нашиот стереотип за тоа како треба да изгледа една муслиманка“, вели Сковгард.
Канкан истакнува дека е свесна за улогата што ја игра расата и се обидува да ги покаже разликите на исламот во џамијата.
„Ние сакаме да го промениме тоа и веќе започнавме да правиме промени“, вели таа.
Другите две жени имами во џамијата се со потекло од Малезија и Сомалија, некои носат хиџаби, некои не.
Иако некои сугерираат поинаку, џамијата има претпазлив, индивидуален пристап кон промена.
"Ако пред себе имате премногу битки, нема да стекнете легитимност или ќе изгубите единство. Ако сакате да направите измени, треба да го направите тоа мудро и внимателно ... Не смеете да ги запалите сите мостови зад вас", вели Канкан.
Како и со сите религии, различни ставови за исламот има кај речиси две милијарди муслимани.
За разлика од свештениците во христијанството, кои ги именува црквата, имамот не е лиценцирана професија и може да се стане имам преку улоги во заедницата.
„Мажите добија одговорност да водат молитва од различни причини. Жените не се молат во одредени денови и периоди, па затоа не можат да ја исполнат улогата на имам“, изјави британскиот имам Сабах Ахмеди за Ал Џeезира, кој верува дека имамот мора да ги води сите пет дневни молитви во џамијата.
Долга историја на правата на жените
„Одредени улоги им ги дава Исламот на одреден пол и веруваме дека треба да се почитуваат“.
Сепак, наведува дека исламот има долга историја на давање на права на жените.
„Исламот ги воспостави правата на жените во време кога тие се сметаа за граѓани од втор ред. Исламот им даде право на развод, наследство и ја истакна клучната важност на едукацијата на жените.
Но, Канкан тврди дека примери на женски џамии може да се најдат и во други муслимански заедници, како во Кина, 17 век.
Денес, жените предводат молитви во голем број земји, вклучувајќи ги САД, Франција, Велика Британија, Јужна Африка и Индија.
Извор: Ал Џеезира