Сакала да остане присутна во животот на своите деца, па од своето хоби создала бизнис што го работи од дома: Инспиративна приказна на Стојанка Андонова

Добивај вести на Viber

Како мајка на две малолетни деца, Стојанка Андонова своето време главно го поминувала во домот, организирајќи ги сите работи кои се однесуваат на домаќинството, дошла на идеја својата креативност да ја претвори во заработка.

Фото извор: Приватна архива 

Почнала да изработува свеќи и гипсени декори, мал бизнис кој ѝ донел дополнителна заработувачка. Овој мал бизнис како што самата вели, освен што ѝ претставува задоволство, може да го работи од дома и да ги вклопи и изменаџира сите активности врзани со заработката, а воедно да биде присутна во животот на своите деца и во својот дом. 

Јас сум сопруга и мајка на две прекрасни деца, на возраст од 7 и 4 години. Секојдневните обврски околу семејството бараа од мене да пронајдам нешто што ќе можам да го работам од дома, да заработувам, но и да ме исполнува и опушта. Така започна мојата приказна со изработката на свеќи и гипсени декори – мал бизнис кој денес го носи името на мојата ќерка, силата на мојот син и мојата креативност, - „Candle art by Mila“. вели Андонова.

Иако е една од поновите на пазарот, Андонова веќе вредно работи на препознатливост на нејзините производи, а кај клиентите стекнала доверба, како што самата вели на база на квалитетот што го нуди и посветеноста на процесот нејзиното хоби да го претвори во мал бизнис. 

Фото извор: Приватна архива 

Со оваа дејност започнав пред година ипол, најпрво како хоби и лична љубов кон креативноста. Со текот на времето хобито прерасна во страст и желба да ја споделам мојата работа со пошироката публика, вели Стојанка за „Женски магазин“.

А за тоа како дошла до идеја да произведува токму свеќи и гипсени декори, вели

Идејата дојде многу природно. Секогаш сум ја ценела топлината и атмосферата што ја создава една свеќа. Сакав на тој едноставен предмет да му дадам личен печат – сопствен дизајн, боја и мирис.


За оваа млада, креативна и вредна жена, произведувањето на свеќи и рачната изработка на гипсани декори е многу повеќе од занаетчиска работа и вештина, таа создава приказни кои со својата симболика внесуваат важни пораки во домовите на луѓето кои ги купуваат. 

Покрај тоа што сакам моите производи да најдат место во домовите на луѓето, мојата цел е секоја свеќа или декор да пренесе порака и емоција. Сакам да покажам дека со истрајност, креативност и работа со љубов може да се гради сопствен пат и мал бизнис.

Овој начин на работа им овозможува на жените да ја изразат својата креативност, да бидат независни и да создадат сопствена заработка. Тоа е совршен спој од слобода, задоволство и сигурност.

Иако како што самата вели секој почеток е тежок, со многу љубов и посветеност може да се дојде до успех и сигурен извор на приходи. 

Фото извор: Приватна архива 

Секој почеток е тежок, но со љубов, посветеност и вера во сопствениот труд – резултатите доаѓаат. Најважно е да се работи со срце и да не се откажуваш.
Моите производи се разнолики – изработувам украсни свеќи во различни форми, големини и мириси, како и гипсени декори кои се прекрасен детал за домот или подарок за посебна пригода. Секој производ е рачно изработен и уникатен, затоа што верувам дека убавината лежи во деталите и личниот печат што го оставаме.

Приказната на Стојанка Андонова е пример како од љубов и креативност може да се создаде мал, но успешен бизнис. Од домашното секојдневие таа извлече инспирација и започна да изработува свеќи и гипсени декори, претворајќи го хобито во работа што и носи заработка, но и лична исполнетост. 

Со тоа покажа дека жените можат да бидат истовремено мајки, сопруги и претприемачи, без да ја запостават семејната улога. Секој нејзин производ носи симболика, порака и уникатност, што ја прави препознатлива на пазарот. 

Иако патот не бил лесен, со посветеност, трпение и вера во сопствениот труд, Андонова создаде бренд кој расте и инспирира. Нејзината приказна потсетува дека успехот не секогаш бара голем капитал, туку многу повеќе – љубов кон работата и храброст да се следи сопствениот сон.

**Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група