Сара се омажи во невестинскиот фустан на мајка ѝ, стар 32 години: „Најскапата облека е онаа која го носи со себе сентименталното значење“

Добивај вести на Viber

Една свадбена приказна оваа недела ги освои срцата на многумина на социјалните мрежи – не поради луксузот или гламурот, туку поради длабоката емотивна вредност што ја носи со себе. Сара, млада невеста со јасен став за сентименталноста, се омажи во невестинскиот фустан кој нејзината мајка го носела пред точно 32 години, на свадбата со нејзиниот татко.

Фустанот, кој долго време мирувал во семејниот гардеробер, доби нов живот благодарение на македонската дизајнерка и поборник за одржлива мода – Ирина Тошева. Наместо само да го адаптира фустанот, Тошева направи вистинска трансформација – создавајќи не еден, туку два уникатни фустани од оригиналниот модел.

„Се омажив во фустанот кој мајка ми го носела на свадбата со татко ми – фустан стар 32 години“, објави Сара во искрено и трогателно видео на Инстаграм, каде ја раскажа целата приказна зад ова посебно модно дело.

„Со помош на мојата пријателка и дизајнерка за одржлива мода Ирина Тошева, која е секогаш тука за моите најважни настани во животот, од еден фустан ми направи два. За мене, најскапата облека е онаа која го носи со себе сентименталното значење и поврзаноста со некого. Овие два фустани се многу повеќе од само две парчиња облека – тие се најголемиот подарок и наследство кое некогаш сум го добила од мајка ми“, вели Сара.

Еден од фустаните Сара го носеше за време на официјалната церемонија, додека вториот беше резервиран за прошетка. Двата модели задржаа елементи од оригиналот, но во современа форма и со личен печат.

Оваа интимна и значајна одлука на Сара не само што ја направи нејзината свадба уште посебна, туку и ја испрати важна порака: љубовта, спомените и модата можат да се спојат на начин кој ги надминува трендовите и времето.

Г.Д.Г
Фото: Инстаграм