Селечка Планина ја чува тајната на Големата Мајка: Божицата со три лица

На Селечка Планина, три километри источно од прилепското село Селце, се издига една од највпечатливите и најмистични природни скулптури на Балканот — Големата Мајка. Висока дури 67 метри, оваа монументална фигура, која локалните жители ја нарекуваат „Чупата“ или „Индијанката“, плени со својата форма и симболика. Според претпоставките, карпата е стара околу 400.000 години, а некои научници веруваат дека нејзината форма е делумно обликувана од човечка рака – како култен објект на древните жители кои ја почитувале како божество.
Оваа скулптура, наречена и „Момата“, ја претставува Големата Мајка — божица која, според толкувачите, е централна фигура на една древна македонска монотеистичка традиција. Таа симболизира единство меѓу човекот, природата, Господ Сонце и вселената.
Во својата книга „Зета Македонија“, публицистот и поет Бранко Сотироски ѝ посветува посебно внимание на оваа формација, толкувајќи ја како „Господова солза“ — сончев зрак во форма на жена, симбол на божествената поврзаност меѓу небото и земјата.
„Господ Сонце со неговиот диск како божјо око сé гледа. Господова солза е капка роса, која пристига од сонцето преку месечината. Солзата светла но студена, ја наросува вкупната жива природа на Земјата во вид на утринска роса“, пишува Сотироски, додавајќи дека оваа светлина е претставена преку самовилата Солзана — заштитничка на животот и плодноста.
Според неговото толкување, скулптурата го содржи во себе трилогичниот циклус на животот, претставен преку три лица:
*Првото лице изразува болка и копнеж по светлина – молитва за изгревот на сонцето и мигот на оплодувањето. Тоа е лице свртено кон небото, полно со надеж и тишина.
*Второто лице ја симболизира самовилата Солзана, божествена фигура која зборува:
„Јас и Сонцето во пролетта, со божјата семка, утринската роса, осветлена со сончевите зраци, Господ е во мене.“
Таа е олицетворение на светлината, љубовта и божествената енергија.
*Третото лице го прикажува ликот на обожествената мајка, крунисана со златно-жолти цвеќиња, накитена со китка, оплодена и благословена од сонцето. Таа е Македонката – родилка на рајот Македонија.
Таа е мајка, заштитничка, и симбол на плодноста, растот и духовната сила.
Скулптурата не е само природен феномен или уметничка инспирација – таа е архетип на женската божественост, на мајката што раѓа, бдее, милува и пренесува живот. Според Сотироски, Солзана е „царица која бдее над своите деца, заштитничка на куќата и Македонија“.
Денес, оваа скриена карпа над Селце е сѐ уште недоволно истражен споменик на духовноста и културата на древната македонска цивилизација. Но за оние што ја познаваат нејзината приказна, таа останува жив сведок на минатото, иднината и вечната поврзаност меѓу човекот и божественото.
РЖМ