Ведрана Рудан се вакцинираше во Србија: Во Хрватска се чека на милоста на господарите

Добивај вести на Viber

Ведрана Рудан, хрватската писателка и новинарка, објави дека се вакцинирала против коронавирус во Србија, а на таа тема објави и колумна со наслов „Европјанка во Белград“.

Нејзината колумна која како и секогаш, предизвика многу реакции, ви ја пренесуваме во целост:

„Заклучена сум веќе со месеци, малкуте денови што ми останаа ги трошев чекајќи ја вакцината. Внук ми не можам да го бакнам ни преку маската. Чекав, чекав и чекав.

Се јави нашата пријателка Тања од Белград. Ми рече дека како „уметник“ чија драма се игра во Белград и автор на многу книги објавени во Србија, имам право на вакцина против коронавирусот. „Кога ќе дојдеш?“. Полуд предлог во животот не сум чула. Сепак, ѝ се заблагодарив на Тања, како жената да е нормална.

Како може да ѝ падне на памет на Европејци да им нуди вакцина од Балканот? Еј, Тања? Хрватска е Европа, ние не сме „прилично добро организирани“, ние сме прилично, добро организирани. Ја сакам Тања иако, кутрата е слепа покрај здрави очи.

Вакцината е роба што значи живот, ќе ја добие оној што ќе даде повеќе. На пример, Израел. На пример, Америка. И Унгарија. А Унгарија е во ЕУ?!

Сфатив. Ќе можам да бирам меѓу смрт од коронавирус и доживотен затвор.  „Љубов моја“, му реков на сопругот, малку срамежливо и со непријатност, „а да се јавиш на Тања…“

Отидовме на тестирање, добивме потврда дека не сме болни, влеговме во автомобилот и тргнавме во авантура. Во хотелот влеговме со маска на лицето, и сите околу нас носеа. Ноќта беше како кошмар. Дали навистина ќе ја примиме вакцината? Ѝ се јавив на една пријателка од Риека, која со години живее во Белград. Ни објасни дека таа и сите околу неа се вакцинирале. Секој може да се вакцинира, луѓето ги известуваат преку мобилен телефон за датумот и местото на вакцинирање.

Следното утро, во друштво на госпоѓата која нѐ придружуваше на вакцинацијата, дознавме дека во Србија приоритет имаат постарите луѓе, лекарите, армијата, полицијата, новинарите и уметниците. Зошто уметниците? Затоа што уметноста е храна за душата или така нешто. До душа, ни рече онака по пат, дека веќе 400.000 луѓе се вакцинирани, а вакцината може да се избира. Кинеска, руска, Фајзер и уште некоја, го заборавив името.

Ние молчевме. Што е ова? Во Србија шведска маса полна со вакцини?

Се одлучивме за „Синофарм“, кинеската вакцина. Светскиот генетичар Мирослав Родман неодамна изјави дека верува во „старите“ вакцини и дека тој би се одлучил за таа вакцина. Во телото ти ставаат мртов вирус. Шишенцето не треба да се чува во фрижидер на минус седумдесет или осумдесет степени.

Се вакциниравме на Саемот. Видовме стотици маскирани луѓе кои чекаа ред. Добив впечаток дека сите мислат дека тоа е нормално. Го откриваш рамото, ја примаш иглата во телото, чекаш петнаесет минути, за секој случај, за не дај Боже, и одиш дома. Лекарите и лекарките љубезни, медицинските сестри трпеливи. Едвај и да почувствував болка од убодот. На враќање кон хотелот, направивме тест за коронавирус без кој влегувањето во Хрватска не би било едноставно. Резултатите ги добивме на мобилен во рок од два часа.

Малку е да кажам дека луди од среќа се прошетавме низ Кнез Михајлов. Што е ова? Кафулиња? Кафулиња! Отворени кафулиња?! Влеговме во едно. Се напивме кафе како луѓе, после којзнае колку време. Какво чувство! Да се биде со луѓе. Во Србија веќе нема мртви затоа што кафето се пие таму каде што треба да се пие.

По Кнез Михајлов се движеа многу луѓе. Повеќето носеа маски. На една прекрасна фасада здогледавме хрватско име. Изложба на Влахо Буковац, „Сликарство на неминлива убавина“. Влеговме по третиот обид, поради короната бројот на посетители е ограничен. Влезот бесплатен, искуството неповторливо. Изложбата веќе ја посетиле неколку илјади луѓе

Среќа, среќа, среќа, среќа. И тогаш те обзема некоја тага. Ќе се вратиме во заклучениот град, во заклучената земја, меѓу луѓето кои од своите политичари и Европа очекуваа спас, а добија…

Овде, во Хрватска, за Србија се вели дека „седи на неколку столици“, зборувам за вакцината, со Кинезите, Русите и сите од кои можат да ја купат вакцината. За разлика од Хрватска која не соработува со никого. Хрватска не седи на ниту еден стол, Хрватска си седи на задникот и вкочането ја чека милоста на своите господари. Овие денови е зачудувачки јасно, залудно.

За три недели ќе одиме по втората доза. Повторно слободно ќе пиеме кафе, меѓу странци или со пријатели. Да беше жив Влахо Букаовац и тој ќе се вакцинираше во Белград.

Дали се лигавам? Баш ми е гајле. Ако ја доживеам втората вакцина, ќе ја тргнам маската, ќе го бакнам мојот внук и ќе му кажам, „ова ти е бабино, белградски бакнеж“.


извор:zenskikutak.rs

фото: facebook

-Дами, Ведрана Рудан ве учи како да го пронајдете идеалниот човек! Совет кој го „запали“ регионот
-Ведрана Рудан: Во мое време жените имаа право на целулит и старост