„Во кој круг на пеколот одат деца чии родители завршиле во старски домови“: Зошто вакви предрасуди постојат во Македонија

Добивај вести на Viber

„Златни години“ или „трето доба“ се зборови со кои често се опишува староста. Иако таа носи многу предизвици, можно е да биде достоинствена и исполнета. Покрај должината на животот, од голема важност е и неговиот квалитет – виталноста, сигурноста и чувството на припадност.

Еден од најчестите проблеми е осаменоста. Многу постари лица имаат тешкотии при движење или се чувствуваат несигурни да излегуваат подолго време надвор. Децата и внуците често немаат доволно време за редовно дружење, а деновите минуваат бавно и празно. Поради тоа, дел од постарите се одлучуваат за старски домови, каде што секогаш има друштво и поддршка од љубезен персонал.

Покрај социјалната компонента, тука е и практичната – здравствените тегоби. Во домовите постои стручен персонал кој им помага при секојдневните активности и дава чувство на сигурност. Освен тоа, таму се организираат разговори, игри, прошетки и културни настани. Се слават родендени, празници и често гостуваат музичари или актери, што им овозможува на корисниците исполнет и активен живот.

Иако во светот старските домови одамна се прифатени како место за достоинствено стареење, во Македонија сè уште постојат предрасуди. Често се смета дека таму завршуваат луѓе кои не се сакани од своите деца. 

Ова мислење создава чувство на вина кај семејствата и ја зголемува стигмата. На децата кои своите родители ги сместуваат во дом често се гледа со осуда, а некои дури веруваат дека тие „немаат право на наследство“ затоа што се откажале од должноста да се грижат за стар родител.

Сепак, вистината е дека старските домови не значат запоставување, туку можност за достоинствено, сигурно и социјално богато стареење, додека семејството останува важен дел од животот на постарите лица.

Фото извор: Freepik


**Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група