Водителката на „Бекстејџ“, Ева, освои две титули за убавина во Либан: Ова ќе го паметам цел живот

Добивај вести на Viber

Ева Јовановска од Тетово, модел во модното студио „Црнокрак“ и актуелна водителка на естрадниот магазин „Бекстејџ“, успеа да освои две титули на интернационалниот избор за женска убавина MISS TOURISM UNIVERSE 2022, кој се одржа во Бејрут, Либан, по деветти пат. 


Ева се врати со титулата Miss TEEN, како најдобра во конкуренција на девојки до 19 години и титулата 6та придружничкa (6th runner up) вкупно, значи во конкуренција на 30 учеснички, од исто толку држави од целиот свет. 


За Женски магазин, таа изјави дека е многу среќна што однела две титули за Македонија. 

-Благодарение на модното студио “Црнокрак” јас ја имав таа можност, привилегија и воедно чест да ја претставувам нашата држава на ваков престижен избор за убавина. Конечно ми се исполни мојата желба да го видам Бејрут, прекрасно искуство и прекрасни луѓе, организација и професионализам на високо ниво што ми остави посебен впечаток . Како и сите девојки така и јас се трудев да ја претставам својата држава во најдобро светло и да освојам титула, но не очекував две, тоа ме изненади и ме направи посебно среќна. Секако ова е прекрасно искуство за мене кое ќе го паметам цел живот, познанства кои ќе ми останат за цел живот и спомени на прекрасниот Бејрут на кои исто така секогаш ќе се сеќавам. Miss tourism universe дефинитивно ќе влијае и на мојата понатамошна кариера како и желбата повторно да ја претставувам Македонија и на друг интернационален избор за убавина“, ни изјави Ева. 

Еден од членовите на жирито кое одлучуваше за тоа кои девојки ќе понесат титули беше и Мики Црнокрак, чие студио ја поседува лиценца за Македонија за овој интернационален избор за убавина. 


Црнокарк од Либан изјави: 

-Многу добар избор, во организација на Style Events Organisation, на чело со мојот добар пријател Ели Нахас (Elie Nahas), кои од 2014 година го организираат овој избор во Бејрут. Девојките поминаа прекрасни 15 дена во Бејрут, исполнети со многу прошетки, посети на фантастични места во Бејрут и целиот Либан, забави, но секако и подготовки за финалето кое се одржа во театарската сала на Casino du Liban во Бејрут, на кое нашата Ева освен како мисица се претстави и со извонредна балетска точка преку која го покажа својот талент за играње, а големиот аплауз од преполната сала покажа дека нејзиниот настап беше навистина одличен. Впрочем, нејзиното комплетно претставување беше на највисоко ниво, навистина во најдобро светло се презентираше себе, Модното студио Црнокрак и Македонија, што на крај и го покажаа двете освоени титули“, рече Црнокрак. 


На изборот, вкупна победничка е Мис Венецуела, титулата Прва придружничка ја освои претставничката на Киргистан, а Втора придружничка е Мис Италија. 


М.Џаровска Фото: Приватна архива