„Жените бараат еднаквост, а не привилегии, тие не се украс на светот, имаат важна општествена функција“: Дел од пораките кои жените ги испратија на конференцијата „Јас сум жена“

Добивај вести на Viber

Политичарки, новинарки, жени од рурални средини, мајки, домаќинки, жени со завидни кариери и оние кои чекорат кон своите професионални цели, оние од Македонија, но и од целиот свет, денеска токму од Скопје на меѓународната конференција „Јас сум жена“ испратија порака дека женската поддршка и пружена рака од жена кон жена е единствениот правилен начин да се трасира патот до етаблирање на статусот на жените во општеството. 

Жени кои не бараат привилегија, но докажуваат дека се еднакво способни да ги извршат работните задачи колку и мажите, кои бараат еднаквост врз база на своите постигнувања, а не привилегии врз база на половата припадност, оние кои не се украс на светот, туку имаат своја општествена функција и му даваат поинаква смисла на светот. Женската визура е автентична, поинаква, вредна за почит, а жените застапувајќи се себе си, го преземаат дискурсот во прво лице множина. 

Според модераторката на настанот Елена Марковска, жените имаат поинаков пристап во изнаоѓање на решенија кој е потребно да се имплементира или барем земе предвид кога се одлучувачките подвизи во прашање. 

Основачка и претседателка на здружението Ана Дуковска, пак, истакна дека сите жени денеска се обединиле околу заедничката мисија - да се проследи женскиот придонес во општеството, за конечно тој да стане видлив и препознатлив во поширок контекст. 

-Современата жена не избира измеѓу кариерата и семејството, туку секојдневно ги усогласува. Во професионалниот свет таа покажува компетентност, визија и истрајност. Во семејниот контекст таа е извор на љубов, стабилност и патоказ кон вистинските вредности. Оваа конференција има за цел да го прослави токму тој баланс, да ги претстави жените кои успешно го живеат тој баланс во професијата без да ја загубат суштината на мајчинството, истакна Дукоска. 


Покрај Ана Дукоска како иницијатор на движењето кое подоцна прерасна во граѓанско здружение, застанаа Искра Коровешовска, Елена Марковска, Анета Механџиска, Славица Денковска, Ребека Јанковска - Ристовски и Маја Атанасовска. 

На денешниот настан беа одликувани 9 амбасадорки со особен придонес во одредена област, а десетото одликување ѝ припадна на првата жена претседател на Македонија - Гордана Силјановска Давкова која на присутните на конференцијата им се обрати со видео порака. 

Проследете го видеото од отворањето на четвртата по ред конференција „Јас сум жена“ во продолжение:




Фото приказна: 




Магдалена Стојмановиќ - Константинов за „Женски магазин“