Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Игор Филевски Филе: Нема ден без книга и филм
Со оглед на тоа што веќе наближив кон петтата деценија од живот, тоа наметна едни нови стандарди. Веќе сум во годините каде не постои лицемерно поврзување со денот и ноќта. Годините веќе ми се доволни за да знам што е квалитет и да не отстапувам од него по ниедна цена. Веќе дури ни кафе не пијам ако не ми е погодено, а не пак да се дружам со луѓе кои не се по моите високи цивилизациски стандарди. Оттаму доаѓа и мотивацијата. Да се направи што е можно поквалитетен денот, секогаш повеќе од претходниот. Главните мотори во моментот ми се Аргентина (како повозрасна и која живее со мајка ѝ во Македонија) и Лео (како едногодишно детенце кој живее со мене и мајка му, на прекрасно изолираниот остров од континенталните глупости). Тие две суштества ми создаваат таква мотивација што е необјаснива со рационално размислување, да се биде што подолговечен, да се биде остроумен и да се пренесе што повеќе од убавините и добрините на тие две суштества.
Терапијата ми е приоритет во денот. Терапијата што ми овозможува да бидам здрав и остроумен, неопходна за да можам да дишам како што треба и да бидам што подолго со луѓето кои ги сакам и кои ми значат во животот. Затоа некогаш се случува да бидам „исклучен од настаните во светот“ по цел ден, а потоа навечер да бидам буден и „разработен“. Оној што бев додека живеев во Македонија, кога 24/7 трчав по телевизиите, радијата и печатените медиуми за да си ги завршам работните обврски одамна не постои. Околностите и ситуацијата генерално ми наметнаа еден сосем друг начин на живот кој е дијаметрално спротивен од претходниот прв дел на приказната, со помалку стрес и помалку луѓе околу мене.
Денот како бројка ми завршува со изгрејсонцето, но денот како денска светлина „завршува“ скоро секогаш со Весна и Лео, вечера која многу често е и ручек и појадок за мене и старт на дел од „работните обврски“. Понекогаш одбирам друштво со кое сакам да споделувам мислења, ставови па дури и да спротивставувам. Тие „симпозиуми“ најчесто ги правам со блиски и мене драги луѓе кои живеат на островот или на некои од социјалните мрежи. И на нетот има остроумни кои не се „навлечени“ на секојдневните манипулации, не многу ама доволно.
Книга или филм, тоа е единствената работа која скоро и да не се случило да ја пропуштам во последнава деценија. Ако во првиот дел од животот немав такво слободно време за книга и филм (кое сепак го имаше, но не како сега) сега не постои ден без 30-40-50 страници од некоја книга и еден филм, минимум. Понекогаш во текот на денот гледам два или три филма. Понекогаш. Но, без книга или филм не би можел да си го замислам остатокот од животот.