
Хипи движењето претставува една супкултура на едно младинско движење кое се појавува во средината на шеесеттите години во САД, а понатаму се проширува и низ целиот свет. Ова движење зема влијание од претходните „Бохемиа“ и „Бит“ движења. Како и секое ново движење, хипи движењето создава еден нов правец во уметноста, модата, музиката и општо културата. Едно вакво слободоумно младинско движење создава голем „бум“ во модата, со што користи многу елементи од индијанската, азиската и латино американска култура. Сите тие елементи преточени со светли бои, невообичаени шари и многу удобни материјали. Во овој стил биле фарбани возилата, биле уредувани домовите, а исто така биле создавани уметнички дела во овој стил.
Се било рачно изработено и шиено. Како најпопуларни дезени, употребувани се цветните, пругавите, персиските во форма на солза и психоделичните дизајни. Сето тоа нанесено на памучни и природни материјали. Цветот како додаток многу често се појавува, а тоа е поради верувањето дека цветот има голема моќ и дека само тој може да претставува симбол на мир. Затоа цветот го носеле во косите и на облеката.
Кога станува збор за панталони, жените и мажите носеле ѕвонести панталони направени од лен, тексас, или тенки памучни материјали. Панталоните биле со везови од интересни орнаменти, со цветни шари, или во пруги.
Жените многу често носеле долги лелеави фустани и сукњи во најразлични дизајни и шари. Но, оние посмели девојки носеле супер мини сукњи и фустани кои се карактеристични за тој период. Исто така, да не се заборави на удобните широки ленени кошули и кратки маички.
Интересен изглед имале и јакните од ова движење, изработени од превртена кожа, крзно, волна. На нив, имало реси, или пак додатоци од разни материјали. Многу често биле изработени во парчиња како мозаици направени од различни материјали. Да не заборавиме на елечињата. Тие биле изработени од кожа со ресички, од крзно, или од памучни материјали чиј дезен наликувал на черга. Овој детаљ бил популарен кај женскиот и машкиот пол.


За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер