„Анксиозност, депресивни растројства и суицидни намери кај младите“: д-р Новотни со предупредување за загадувaњето

Поради околинските чинители, меѓу кои еден од најважните е аерозагадувањето, стареењето на мозоците во Македонија е повеќекратно забрзано, што пак води до зголемен ризик од развој на Алцхајмерова болест, рече ко-претседателот на зелената партија ДОМ, проф. д-р Антони Новотни, во телевизиска изјава.
- Во Македонија гледаме млади и продуктивни луѓе со само 50 години кои веќе имаат знаци на деменција – нешто што е неколку пати повеќе од европскиот просек. Овие разлики треба да не’ загрижат да застанеме во еден фронт за зелена иднина која што треба да ја направиме. Животот е наш, на граѓаните, а не на една или друга политичка опција - истакна проф. д-р Новотни.
Истражувањата покажуваат дека загадувањето има погубно влијание уште во утробата на мајката, а најкритични се првите години од развојот на детето.
- Загадениот воздух е причинител за сериозни невролошки и психолошки промени, вклучително и анксиозност, депресивни растројства и суицидни намери кај младите - појасни во изјавата ко-претседателот на ДОМ, проф. д-р Антони Новотни.
Зелената партија ДОМ оценува дека овие податоци не смеат да бидат занемарени и затоа на претстојните локални избори, како дел од „Коалицијата за зелена иднина“ ќе ја стави борбата против загадувањето и заштитата на здравјето во прв план. Станува збор за најважната битка – за живот, за иднината на младите генерации и за градови во кои воздухот повеќе нема да убива.