„БОЈКОТ НА НАСТАВА, НА РАБОТНО МЕСТО, НА ИЗБОРИ“: жителите на Аеродром со манифест бараат чист воздух

Тие преку социјалните мрежи испорачаа неколку барања за подобра животна средина за сите.
- Еве вака го замислувам еден протест кој би донел резултат. Излегување на токсичен воздух, па уште заедно со децата нема да ги вразуми и преку ноќ да почнат да работат правилно. Бојкот е лекот! Не протести за замена на фотељи со нови лажни ветувања!
МАНИФЕСТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ
Ние, граѓаните на Скопје – населба Аеродром, Лисиче и поширокиот регион – обединети повикуваме на итни мерки против загадувањето предизвикано од пожарите на депониите Дрисла и Вардариште, како и пожарот во Трубарево.
Наши итни барања:
1. Прогласување на вонредна состојба во Скопје поради токсичниот воздух.
2. Итно гаснење и санација на пожарите со мобилизирање на сите расположливи ресурси.
3. Заштита на населението:
• дистрибуција на маски,
• отворање здравствени пунктови,
• предупредувања во реално време.
Наши долгорочни барања:
4. Затворање и модернизација на депониите Дрисла и Вардариште со современи еколошки стандарди.
5. Нова стратегија за управување со отпад.
6. Вистински мониторинг на воздухот со јавни податоци достапни во реално време (без лажирање на податоците)
7. Одговорност и отчетност од сите институции задолжени за заштита на животната средина.
⸻
Нашата порака:
Не бараме козметички мерки.
Не бараме празни ветувања.
Бараме конкретен план, рокови и јасна одговорност.
Воздухот е наше право, не привилегија.
⸻
Ако нема реакција:
Ќе повикаме на бојкот и граѓанска непослушност:
• Бојкот на настава – ученици и студенти нема да присуствуваат на часови додека не се обезбеди здрав воздух.
• Бојкот на работно место – работници ќе одбиваат да се појавуваат на работа во услови на отровен воздух.
• Бојкот на избори – граѓаните нема да учествуваат на избори додека институциите не покажат конкретна акција за чист воздух.
• Боjкот на сметки, даноци и други давачки кон институции што ја игнорираат кризата.
————
Од ова појасно нема. А ако сакаме да си играме “протести” нема проблем, ќе прошетаме на улица да не видат колку сме убави.
Објавата е поставена на фејсбук групата „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ - ВОЗДУХ СЕГА!“
Фото: Женски магазин