БРОЈОТ НА НЕВРАБОТЕНИ „ГОРЕ – ДОЛЕ“: во летните месеци забележан нов раст, загрижува невработеноста меѓу повозрасните

Бројот на невработени лица во земјава од месец во месец се менува, а по подолг период кога беше забележан пад на невработените во нашата држава, летово бројките повторно добија нагорна линија.
Од 94 и 300 илјади невработени во месец мај, во јуни нивниот број се зголеми на над 97 илјади. Сепак, во јули повторно се намали на 96.618 лица, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Со тоа бројот се изедначи како на почетокот на годината, кога исто така имавме над 96 илјади невработени сограѓани.
Зачудува фактот што невработеноста расте во летните месеци, кога вообичаено се намалувала поради сезонските работни места.
Бројките говорат дека ако на почетокот на годината имало невработени над 96 илјади граѓани, кои во февруари се зголемиле на над 97 илјади невработени, во март се намалиле на 95 илјади невработени. Веќе во Април и Мај нивниот број се намалил на 94 илјади граѓани невработени, за во јуни да се зголеми на над 97 илјади.
Бројките покажуваат дека лицата на возраст над 55 години најтешко можат да најдат нова работа во случај да станат невработени. Групата на граѓани на возраст меѓу 55 и 59 години е најбројната група меѓу невработените пријавени граѓани во Агенцијата за вработување на Македонија.