Чеди на терен, Ебру во публика-љубовната приказна од Охрид продолжува и на европското првенство во кошарка

Добивај вести на Viber

Додека Европа живее во ритамот на кошарката и трибините се тресат од национален дух и спортска страст, едно име се издвојува не само поради играта, туку и поради приказната што стои зад него — Чеди Осман ( 30)  кошаркарот на репрезентацијата на Турција. 

Роден е во Охрид, пораснат меѓу две култури, а денес светско спортско име — тој е симбол на современата балканска приказна, каде корените никогаш не се губат, а љубовта го следи секој чекор.


Семејството му е слика на Балканот – татко Турчин, мајка Македонка со босанско потекло. Во таа мешавина од традиции, музика, јазици и вкусови, Чеди растел со вредности кои ќе го изградат не само како спортист, туку како човек со длабока емоционална интелигенција.

Уште од мали нозе кошарката му станала прва љубов. Топката му билa придружник низ дворовите во Охрид, а подоцна и низ младинските сали на Турција, каде што неговото семејство се пресели. Таму го забележаа, таму се изгради, но никогаш не ја заборави Македонија. 


„Секогаш кога ќе имам слободно време, се враќам во Охрид. Тоа е мојот мир“, изјави Чеди во едно интервју.

Во 2022 година, Чеди Осман направи уште еден голем потег – не на теренот, туку во срцето. Се ожени со турската актерка Ебру Шахин, една од најголемите  тамошни ѕвезди. Кај нас позната по серијата „Дива“ која се емитуваше на Сител телевизија. Нивната љубовна приказна ги плени медиумите, но вистинската магија се случи токму таму каде што започна животот на Чеди – во Охрид.


Во романтична и интимна церемонија покрај езерото, меѓу најблиските и под охридското сонце, тие си ветија вечност. Свадбата беше слика од бајка – спој на две култури, два света, но едно срце. „Сакавме местото каде што Чеди е најсреќен да биде местото каде што ќе започне нашиот заеднички живот“, изјави Ебру во едно емотивно интервју по свадбата.


Оттогаш, таа е негов постојан придружник — и на трибините, и во животот. На Европското првенство оваа година, Ебру повторно е таму — не само како убава жена што бодри, туку како симбол на стабилност, љубов и заедништво.


И додека топката лета, а срцата чукаат на трибините, во погледот на Чеди секогаш ќе има нешто повеќе – нешто што не се тренира и не се учи. Тоа е љубов. Љубов кон кошарката, кон татковината, кон Охрид и Македонија и кон жената која го следи, тивко, но секогаш присутна.


С.А.Н.