„Чекаш воз, читаш книга“ – иновативната Метротека од Варшава ја воодушеви Европа

На новата метро станица во Варшава беше отворена „Метротека“ - иновативна библиотека со вертикална градина и илјадници книги, каде што патниците можат да читаат, учат и да уживаат во мир додека чекаат воз. Оваа единствена културна оаза под земја го менува начинот на кој го доживуваме јавниот превоз и ги разбива стереотипите за библиотеките.
Првата подземна библиотека во рамките на метро станица - Метротека, иновативен простор што ги комбинира транспортот, културата и заедницата - е отворена во Варшава.
На станицата Кондратовича, на метро линијата М2, патниците сега можат да позајмуваат книги, да се дружат, да учат и да се одмораат додека чекаат воз.
Подземна библиотека со градина и читални
Метро библиотеката се простира на 150 квадратни метри и содржи околу 16.000 книги, распоредени во две читални, една за возрасни и една за деца.
Книгите може да се земат преку автомати за самопослужување со бесконтактни чипови, а тие се враќаат или на истото место, или во посебен шкаф достапен 24 часа на ден.
Вертикална градина со билки - босилек, оригано, темјанушки и други ароматични растенија му дава на просторот посебен шарм.
Исто така, има простор за заедничка работа и учење, а веќе на првиот ден од работата беа изнајмени повеќе од 400 книги, претежно училишни учебници, патни книги и практични прирачници.
Повеќе читање, помалку екран
Целта на Метротека не е само да биде место за позајмување книги, туку и да биде културен и образовен центар на градот.
Иницијативата е покрената со намера да се приближи читањето до поширок круг граѓани, бидејќи според податоците од Националната библиотека на Полска, само 41% од населението прочитало барем една книга во изминатата година - што е значително помалку отколку во 1990-тите.
Директорот на Националната библиотека, Томаш Маковски, потсети дека за време на Втората светска војна, Полска изгубила дури 70% од своите библиотеки, поради што многу генерации не пораснале опкружени со книги.
Библиотеката не мора да биде тивка или затворена
„Библиотеките не треба да бидат ладни, тивки места што ги одбиваат посетителите. Напротив, тие треба да бидат отворени, убави и пријатни, места каде што луѓето можат да престојуваат, да разменуваат мислења, да разговараат и да се поврзуваат“, рече Маковски, додавајќи дека целта е и да се разбие стереотипот за библиотеките како строго тивки институции.
Метротека во Варшава покажува како дури и најобичните секојдневни локации, како што е метро станицата, можат да станат инспиративни места за култура, образование и заедница.
РЖМ/ИС - (MA/EUpravo zato/putnikofer.hr) - Фото: lustrobiblioteki.pl