Мистично светилиште во срцето на Македонија: Иконата што верниците ја викаат „Брзопослушничка“

На само неколку километри од Неготино, во селото Тимјаник, се наоѓа црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, која последната година стана вистински духовен центар. Причината е чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушничка – икона за која се верува дека брзо ги слуша молитвите и носи олеснување и надеж за сите што ѝ се обраќаат со вера.
Оваа икона, позната и како „Богомајка“, е донесена на 14 мај 2024 година директно од манастирот Дохијар на Света Гора. Монасите ја предале на влезот од селото Тимјаник, а потоа, преку свечена литија, била пренесена во црквата. Таа претставува седма копија од оригиналната икона, изработена во 10/11 век во времето на свети Неофит.
Според преданијата, бројни чуда низ вековите се поврзуваат со оваа икона – од исцеленија до големи животни пресврти кај верниците. „Скоропослушничка“ значи токму тоа – брзо да слушне и уште побрзо да помогне.
Денес, дворот на црквата е прекрасно уреден со зеленило и фонтана, а домаќинот што се грижи за светилиштето со топлина ги пречекува сите посетители. Внатрешноста на црквата е украсена со фрески по ѕидовите, а наскоро ќе биде завршен и живописот на таванот. Иконостасот моментално е дрвен, но се планира негово заменување со мермерен – што ќе го збогати изгледот на храмот изграден во 2005 година.
Со својата мистична убавина и моќта што верниците ја чувствуваат пред иконата, Тимјаник веќе се вбројува меѓу местата кои сè повеќе луѓе ги посетуваат во потрага по мир, исцеление и духовна сила.
РЖМ/ИС/Фото-ПатувањанизМакедонија