Доктор Живко Алексоски го прошета светот, 40 години летува на исто место, а 30 престојува во ист апартман

Добивај вести на Viber

Постојат места кои не се избираат – тие нè наоѓаат. Постојат летувања кои не се само одмор, туку и ритуал, повик на срцето. А постојат и луѓе кои, иако виделе многу, секогаш се враќаат таму каде што душата им мирува. Таков човек е примариус д-р Живко Алексоски (69), еминентен невролог во пензија, со богата професионална биографија и уште побогато животно искуство. Човек што го прошетал светот – од Тајланд до Калифорнија, од Лангкави до Ерусалим. Но, неговиот дом под сонцето секогаш бил едно мало, тивко, и скромно место на брегот на Егејското Море: Платамона


 - Првпат во Платамона бев во 1973 година. Се вратив во Гостивар од гимназиска екскурзија низ Југославија и ја прашав мајка ми каде се сестра ми и зет ми. Ми рече дека се на одмор во Грција, во Платамона. Побарав од мајка ми уште некој динар, бидејќи парите од екскурзија веќе ги имав потрошено. Патував сам, не знаев ни каде точно да се обратам, ниту како да ги најдам, бидејќи за првпат доаѓав во Платамона. Возот тогаш застануваше на старата железничка станица, која сè уште постои како зграда, иако пругата денес е пренасочена низ тунели и возовите застануваат само во Неа Пори. Отидов директно на градската плажа и таму ги најдов сестра ми и зет ми. Останав со нив две недели. Следната година повторно бевме во Платамона, но, престојот го скративме, бидејќи на 17-от ден, во 1974 година, започна конфликтот меѓу Грција и Кипар. Повторно бевме на градската плажа и сместени во куќите над центарот, каде што е Агора – главното шеталиште – раскажува д-р Алексоски.


За него, Платамона не е обична дестинација. Тоа било засолниште од брзината на животот, од болничките ходници и напнатите случаи. А сега како пензионер, тука, во шумот на брановите, во мирисот на борот и вкусот на првото утринско кафе со поглед на Олимп, ги полни батериите. Тука ги брои годините не по календар, туку по спомени: првите чекори на децата, семејните ручеци, пријателствата што траат со децении.


- Четири децении летувам во Платамона. На почетокот престојувавме во пооддалечени места од плажата Каламаки, бидејќи стандардот ни беше послаб. Подоцна, почнавме да престојуваме во апартманите до плажата. Дури и за време на санкциите, успеавме да дојдеме со југословенски пасоши. Ми се случи и една анегдота, ѝ реков на сопругата ништо да не носи со ознаки „Македонија“ или „македонско“.Таа некои работи ги завитка со страници од весникот „Нова Македонија“, имавме производи  на кои пишуваше „Македонка Штип“, сè некако беше поврзано со Македонија. Кога на грчката ганица царинарниците го отворија гепекот, се “фатија за глава“. Само ме прашаа: „Имаш ли пари?“ Им одговорив дека имам. И не пуштија. Тогаш запознав и еден Грк, Димитраки, кој живееше во Лариса – нашите апартмани беа во куќи една до друга. Ми стана голем пријател. Се сеќавам и на непријатна ситуација – еден пијан морнар, кој пиеше пиво пред кафаната кај старата градска чешма, која веќе не постои, слушна дека зборуваме македонски и почна да вреска. Имавме вербален судир. На крај ме праша: „Дали си ортодокс?“ Му одговорив  „Да, ортодокс сум.“ И така се смири ситуацијата – се присетува докторот.


Во својот живот посетил земји од неколку континенти и престојувал во ексклузивни летувалишта. Бил на одмор на еден од најубавите острови на Тајланд, Кох Самуи и во Малезија на Лангкави. Ја посетил Калифорнија, шетал низ Санта Моника, Санта Барбара, Малибу. Четири години по ред престојува по неколку месеци во Чикаго, каде што живее неговиот помлад син. Летувал во Анталија, Кемер, Алања, Фетие, Бодрум, Кушадаси, Несебар, Трогир, Ерусалим. Бил на конгреси во многу земји од Европа, Азија и Америка. Неговата животната приказна е доказ дека не мора да патуваш далеку за да го најдеш она што го бараш — доволно е еднаш да го најдеш своето место под сонцето и секогаш да се враќаш таму.


- Постои „одмор за одмор“ и „одмор за шетање и фалење“. Класичен одмор за мене е токму овој – во Платамона. Доаѓам во јули или во август. Во почетокот останувавме по 21 ден, децата се вљубија, па потоа намаливме на 18 дена. Платамона има идеална локација, пошумена е, иам чист воздух и чиста плажа долга околу 4,5 километри, која се протега до Неа Пори. Тоа е плажата Каламаки. Водата од чешма е нектар од Олимп – ладна, чиста, планинска.Тука пораснаа моите деца и внуци, а и јас созреав и уживав. Одморот во Платамона е традиција за мене. Овде сум летувал со семејствата на моите браќа и сестри, со внуци и внуки. Љубовта кон Платамона одамна се пренесува и на новите генерации – затоа што тука се чувствуваме прекрасно – открива д-р Алексоски.

Последните 30 години, со неверојатна верност и љубов, секое лето го поминува во истиот апартман, кај истите домаќини кои за него станале семејство. Тоа не е само рутина — тоа е приказна за припадност, за спомени, за убавината на повторното враќање на место каде душата наоѓа мир.


-Во истиот апартман сме 30 години. За да се резервира, се јавуваме секоја година на 1 февруари, бидејќи интересот е голем и е на триесет метри од плажата. Годинава престојувавме од 29 јули до 14 август. Кога ѝ плаќав, газдарицата ме праша: „Колку години си овде?“ И одговорив : „ 30 години, кога првпат дојдов син ти беше дете, а сега е возрасен човек кој работи и живее  во Швајцарија “ . Овој апартман го избравме затоа што има голема тераса, десет на два и пол метри. Сите услови се одлични, морето се гледа низ дрвјата, а до плажа се стигнува за три минути. Газдарицата не ми е само газдарица – таа е наш пријател. Дури и кога односите меѓу Македонија и Грција беа затегнати, таа дојде на свадбата на мојот син. Нејзиниот маж беше на работа, а таа дојде сама, со својот 78-годишен татко – директно во Гостивар. Тоа е чест што не се заборава – открива докторот.


Додека многумина трчаат по нови дестинации, „инстаграм“ плажи и егзотика, тој си го има својот мал рај – проверен, мирен, прифатен со срце. Тука нема луксуз, но, има душа. Нема гламур, но има тишина што лекува. Тука, сè уште, водата од чешма е нектар од Олимп, а сенките од дрвјата раскажуваат приказни што само срцето ги разбира.


С.А.Н