Дали Македонците од 2028 година ќе почнат да го докажуваат црногорското потекло и да вадат црногорски пасоши?!

Добивај вести на Viber

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, на Бледскиот стратешки форум порача дека проширувањето на Европската унија не е само прашање на поголема територија и број на жители, туку и начин за јакнење на отпорноста кон надворешни влијанија.

Таа изрази уверување дека Црна Гора би можела да стане следната членка на ЕУ веќе во 2028 година, доколку до 2026 се завршат техничките преговори. Албанија, според неа, би можела да ја следи година подоцна – во 2029.

„За мене процесот на проширување е историски чин на обединување на Европа, нешто што досега не сме го виделе“, истакна Кос, пренесе словенечката новинска агенција STA.

Како позитивни примери за реформски пристап и лидерство ги посочи премиерите на Црна Гора и Албанија – Милојко Спајиќ и Еди Рама.

Freepik

Балканот како шанса за посилна Европа

Словенечкиот премиер Роберт Голоб ги охрабри земјите од Западен Балкан да го искористат „поволниот момент“ за интеграција во ЕУ, кој се отвори поради војната во Украина. Тој предложи модел на одлучување „26 или 27 минус 1“, како начин да се избегнат блокади од страна на поединечни членки во процесот.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, потсетувајќи на словенечката блокада на хрватските преговори во 2008 година поради гранични прашања, нагласи дека билатералните спорови не треба да бидат дел од европскиот пристапен процес: „Минатото треба да остане зад нас, бидејќи отворањето на тие теми не е здраво за интеграцијата.“

Албанскиот премиер Еди Рама порача дека вклучувањето на регионот ќе ја направи ЕУ „покомпактна и поотпорна“, додека црногорскиот премиер Спајиќ го подвлече значењето на компромисот во една мултиетничка држава каква што е Црна Гора.

Што значи ова за Македонија?

Оваа перспектива во јавноста се коментира со доза на иронија и резигнација. Дел од граѓаните забележуваат дека, доколку Црна Гора навистина влезе во ЕУ за три години, Македонците ќе имаат уште една земја од која би можеле да обезбедат европски пасош за работа во странство. 

Други пак коментираат дека, слично како Хрватска по влезот во Унијата, и Црна Гора ќе стане особено атрактивна за македонските сезонски работници.

За Македонија, ваквиот развој е потсетник дека евроинтеграциите не се прашање на реторика, туку на конкретни и доследни чекори кои сè уште недостигаат.

Извор: EUpravozato.rs / Freepik