Дали сме доследни на привилегијата да бидемe дел од образовниот процес: Професор д-р Елена Наумовска за денот на наставниците

Професорката на Економскиот факултет во Скопје, д-р Елена Наумовска, по повод Светскиот ден на наставниците, на својот профил на Фејсбук, напиша статус кој привлече големо внимание. Истиот ви го пренесуваме во целост:
Драги наставници,
Денес, на Светскиот ден на наставниците, претпочитам да не си честитаме. Сметам дека е поупатно само да си посакаме здравје и истрајност, но и да се преиспитаме по некои прашања. На пример, дали сме доследни на привилегијата да бидемe дел од образовниот процес? Дали сме доволно доблесни за да ни биде доверена професија која подразбира општествено одговорна работа рамна на мисија? Дали сме доволно скромни за да се издигнеме над нашите материјални очекувања, а во исто време, доволно истрајни и совесни за резултатите од нашиот вложен труд да ги вреднуваме преку успешноста на идните генерации на кои своевремено сме оставиле личен печат?
Дури и ако одговорите на овие прашања не се потврдни во целост, сè уште имаме можност нешто да смениме. Во ова чудно и ново време, дотолку повеќе. Да се вложиме со цело срце и душа и да им се посветиме на нашите ученици/студенти како што би сакале некој да им се посвети на нашите деца. Да не заборавиме дека ние сме тука за нив, но не и тие за нас. Тие се тука исклучиво за себе. Да бидеме достапни и пристапни. Учењето на далечина ниту по една од бројните дефиниции не значи учење преку оддалечување и дистанцирање. Да им овозможиме на родителите да го негуваат родителството исклучиво во својата изворна форма. Слободно можеме да им пружиме и родителска поддршка на нашите ученици, но не и да им бидеме наставници на нашите сопствени деца. Да не дозволиме да го дозираме вложениот труд според висината на месечниот надоместок, раководејќи се од она „колку пари - толку музикаˮ. Да се потрудиме нашата изведба да е доволна моќна, да допре до срцата, да инспирира и мотивира.... Само така, на својот личен пример ќе им покажеме на нашите ученици дека сопствената работа е неопходно да се работи со многу љубов и посветеност. Ќе ги поттикнеме да се пронајдат себе си и да изберат да ја работат работата со која ќе бидат среќни и исполнети, која ќе им овозможи да се реализираат и да придонесат. Без разлика чии се и од каде доаѓаат. Да ја вратиме вербата во знаењето како единствен двигател напред. Да не дозволиме дупките во знаењето вешто да се прикриваат преку умешноста за себепромовирање, во ова време на искривени вредности каде сопствените лакти наместо сопствениот ум или политичката припадност наместо професионалната етаблираност се филтри при хиерархиското позиционирање. Да го ревитализираме и она малку здраво интелектуално ткиво што остана во нашата мила татковина. За да има кој да застане спроти сета наезада на „скоропроектирани стручњаци за сèˮ, која како вирус се шири низ сите пори на нашето општество. Велат, „aко сакаш да уништиш една нација, уништи ѝ го образованието”. Зарем сакаме да бидеме дел од ништењето на нашата нација?!
Драги колеги, претставници од наставниот кадар! Излезете од зоната на удобност и престанете да се прикривате зад “надмоќта на мистериозните системски решенија”. Безрезервно вложете се, надминете ги сите бариери и стравови и пренесете знаење! Пренесете енергија и верба! Дозволете си да бидете креативни. Со многу љубов и посветеност „брусете ги вашите дијаманти”. За еден ден силно да светнат! Но, за почеток, неопходно е да светне вашата вклучена камера. За да ги погледнете преку таа сијаличка и да им кажете дека само небото е нивниот лимит.