„Денеска е мојот прв роденден без тебе“: Сопругата на загинатиот клавијатурист на ДНК со трогателна порака - шест месеци од трагедијата, семејствата револтирани

Добивај вести на Viber

Со емотивна порака објавена на својот Фејсбук профил, Ирена Стевановска – сопругата на починатиот музичар Филип Стевановски, член на групата ДНК кој трагично загина во пожарот во Кочани – го посвети својот роденден на сеќавањето на својот сопруг.

„Денес е мојот прв роденден без тебе… Ден кој секогаш беше исполнет со радост, изненадувања и твојата љубов што знаеше да ми го направи секој миг посебен. А сега, наместо насмевки и честитки, чувствувам празнина која ништо не може да ја исполни,“ напиша Ирена, додавајќи дека токму денес се навршуваат шест месеци од трагедијата.
„Половина година без твојата насмевка, без твојот глас, без твојата топлина. Половина година во која и јас и Лора учиме да живееме со болката, но и со гордоста што те имавме во нашиот живот. Те сакаме бескрајно. Во моето срце и во срцето на Лора ќе живееш засекогаш,“ стои во пораката која ја растажи јавноста.

Половина година од трагедијата

Денеска се навршуваат точно шест месеци од пожарот во Кочани во кој животите ги загубија 62 лица, меѓу кои и клавијатуристот на бендот ДНК - Филип Стевановски. Семејствата на загинатите ќе го одбележат шестмесечниот помен, но воедно ќе ја искористат приликата да го изразат својот револт поради бавноста и неефикасноста на институциите во спроведување на кривичниот прогон и утврдување на одговорностите за овој трагичен настан.

Иако помина половина година, судењето за утврдување на одговорност сè уште не е започнато. Оштетените семејства отворено изразуваат незадоволство од ефикасноста на кривичниот прогон, оценувајќи дека правдата се одолговлекува.

Марш на ангелите и протест во Скопје

Својот револт, семејствата и граѓаните ќе го изразат денес преку „Маршот на ангелите“ во Кочани, кој започнува во 15:35 часот. Иницијативата „Кој е следен“ пак, повика на мирен протест на плоштад „Македонија“ во Скопје, со почеток во 20:16 часот, со цел да се потсети јавноста и надлежните дека одговорност мора да има.

Трагедијата во Кочани остави длабоки последици врз семејствата, пријателите и пошироката јавност. Трогателната порака на Ирена Стевановска е потсетник на личната болка што ја носат најблиските, но и на потребата за одговорност и правда.

РЖМ/МСК

Фото извор: Meta