„Денеска се одбележува отсекувањето на главата на свети Јован Крстител“ – празник обележан со црвени букви и строг пост
Род Антипа, синот на стариот Ирод – убиецот на витлеемските младенци, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на свети Јован Крстител.
Ирод прво беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета, но подоцна ја протера својата законита жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада – жената на својот брат Филип.
Разобличување на беззаконието
Против ова беззаконие остро истапи свети Јован Крстител. Тој не се плашеше да ја разобличи неправдата и гревот, дури ни пред самиот владетел. Поради тоа, Ирод го фрли во затвор.
За време на еден пир во Севастија, пред гостите играше Салома – ќерката на Филип и Иродијада. Опитниот во грев Ирод, занесен од танцот, ѝ вети дека ќе ѝ даде сè што ќе посака, дури и половина царство. Наговорена од својата мајка, Салома ја побара главата на Јован Крстител. Ирод нареди и светиот крстител беше обезглавен во затворот. Главата му ја донесоа на чинија, а Иродијада, исполнета со омраза, го избоде со игла неговиот јазик.
Божја казна
Учениците на Јован ноќе го зедоа телото и чесно го погребаа. Наскоро Божјата правда ги стигна убијците: кнезот Арета го порази Ирод до темел, а кесарот Калигула го испрати во прогонство – најпрво во Галија, а потоа во Шпанија. Ирод и Иродијада завршија во беда и понижување, сè додека земјата не се отвори и не ги проголта. Салома, пак, трагично загина во реката Сикорис.
Празник со црвени букви
Смртта на свети Јован Крстител се случи пред Пасха, а празнувањето е востановено на 11 септември, кога била осветена црквата подигната над неговиот гроб во Севастија од светиот цар Константин и неговата мајка, царицата Елена. Во таа црква биле положени моштите на Јовановите ученици Елисеј и Авдиј.
Овој ден е со црвени букви забележан во христијанскиот календар. Верниците строго постат и се воздржуваат од мрсна храна, особено од јадења со црвена боја – во знак на почит кон пролеаната крв на св. Јован.