Дипломирав за медицинска сестра во Америка за да се грижам за старите што се лекуваат на онкологија и тагуваат за Македонија: Јулијана Милошевска за Женски магазин
Јулијана Милошевска (34) е среќно мажена веќе 12 години, со Иле. Родители се на две деца, Давид (11) и Емили (7). Дипломирала на факултетот за Биотехнички науки во Битола. Во трета година од студиите преку програмата "work and travel", првпат ја посетила Америка. Вели дека стекнала прекрасно искуството. По три месеци се вратила во Македонија, со желба повторно да ја посети Америка.
-Пред шест години со сопругот одлучивме да аплицираме за "Green card Lottery program" и ме извлекоа. Мојата желба да се вратам во САД ми се исполни. Одлуката да се напушти родната земја и да се замине во туѓина беше една од најтешките одлуки во нашиот живот. Решивме, прво да замине сопругот за да обезбеди некоја стабилност. По една година пристигнав со децата. Иако тоа беше најтешката година во нашиот живот, сега кога гледам наназад, знам дека ја направиме правилната одлука – вели Јулијана и дополнува дека во 2016 се преселиле во Краун Поинт, мирно градче одалечено еден час од Чикаго.
-Во тоа време познававме само две македонски фамилии кои живееа во тој регион, и на нивна сугестија дојдовме во тој дел од САД. Набргу потоа сфативме дека овде постои голема македонска зaедница, во чии центар е МПЦ "Св. Петар и Павле". Во овој регион има повеќе од 1000 македонски фамилии- открива Милошевска.

Наместо за четири, дипломирав за две и пол години
Почетокот бил тежок. И недостасувала татковата куќа, но мир нашла во нашата црква. Ја посетувала со семејството скоро секоја недела, каде што посетувале библиското училиште за дечињата, во организација на македонските мајки и црквата.
- Сето тоа сега е намалено како последица на пандемијата.На почетокот, работа најдов во училиштето на син ми. Таму работев со деца со посебни потреби. Овде децата не се поделени, сите учат во исто училиште. Има посебна паралелка каде што претстојуваат децата кои се наоѓаат на повисокспектар на аутизам. Оние што се наоѓаат на понискиот спектар на аутизам, често посетуваат и регуларни настави, меѓутоа мора да се придржувани од парапрофесионалец. Се грижев за две дечиња и заедно одевме во регуларните настави. Им помагав да обрнуваат внимание на наставата и да не го нарушат нејзиниот континуитет – открива Јулијана.
Во Македонија работела како медицинска сестра. Поизвесно време од преселбата сфатила дека и недостига секојдневната комуникација и грижа за пациентите и решила да се вработи како сестра.

-Моето средно медицинско школо не ми го признаа. Но, факултетотми го признаа во целост, а со тоа имав можност да влезам во забрзана програма за медицински сестри. Факултето за медицински сестри е четири години. Во првите две години имаме општи предмети, а во следните две стручни. Општите предмети ги положив за два семестри-вкупно 13. Првиот семестар не ми дозволија да запишам повеќе од четири предмети. Отидив на еден друг локален колеџ, каде што ги запишав другите два предмети како гостин-студент. После првото предавање по анатомија, сфатив дека има конфликт помеѓу два испити кои беа на иста дата. Отидов кај професорот по анатомија, му кажав дека земам шест предмети и го прашав дали ќе може да ми дозволи да полагам наредниот ден. Тој ми одговори: "Би ти препорачал да излезеш од мојот час, анатомија е многу тежок предмет и без да имаш уште пет плус предмети, не си ги троши парите бидејќи ќе ги паднеш сите испити" . –открива Милошевска и дополнува дека тоа и било мотивација да му докаже дека може се да постигне.
-Секој ден седев во прв ред и на секое негово прашање имав одговор.Кон крајот на сесметарот професорот ме знаеше и на крај ми си извини за неговата сугестија"на стари години ме научи вредна лекција, никого не подценувај". Следниот семестар со дозвола од деканот запишав седум предмети. Дипломирав за две и пол години, со највисоки почести, три стипендии, и веќе неколку понуди за работа – вели таа.

Носталгијата ја лечам со песните на Тоше
Се вработила во Methodist Hospital, на одделението за онкологија. Се грижи со голема љубов за сите пациенти, но душата и се полни кога ќе може да им помага и на Македонците.
- Пред некој ден, мој пациент беше една наша бабичка. Влегов во нејзината соба да се претставам, и и кажав дека сум од Македонија. Таа ми рече : "Ти чедо наше си? Е сега ми е полесно на душичката."Почна да ми кажува колку и е мило што "наше дете" ќе се грижи за неа. Искрено тоа ми е најубавиот дел од работата.Дипломирав за медицинска сестра со желба да се грижам за сите пациенти со канцер, особено за постарите Македонци. Тие ми се посебни, најдраги. Посебно постарите на кои видно им фали родното огниште и тагуваат за Македонија – посочува Милошевска.

Работи три дена по 12 часа во неделата. Во тие денови, децата ги буди со песни од Тоше Проески.
-Омилена им е „Македонија навива за вас“, а и некако највесела е за будење од сабајле. Кога дојдвме во САД, ветивме дека ќе се вратиме за брзо во Македонија, но за жал поминаа веќе пет години. Со Господова помош во план сме да ја посетиме следното лето. Колку повеќе ми недостасува, толку повеќе го слушам Тоше. А колку повеќе го слушам, толку повеќе ми фали Македонија. И така некој круг на носталгични емоции, нешто за Тоше, нешто за мајка.

Подготвени сме за трета доза вакцина
За ситуацијата со ковид пандемијата, посочува дека персоналот во болницата каде што работи подготвен е да ја прими и третата доза.
-Болницата не им ја наметнува вакцинацијата со Ковид како задолжителна, меѓутоа како вработени во здравствениот сектор сите мои колешки вклучувајќи ме и мене, сме вакцинирани.Децата почнаа на училиште пред три недели без маски. Меѓутоа за девет дена во карантин ставија 880 ученици, поради директен контакт со заболени. Меѓу децата во карантин беше и син ми, кој е седмо одделение. За жал и со донесен негативен тест, децата мора да седат дома 14 дена. Властите утврдија дека така нема да може да се продолжи со училишната настава, па донесоа нова одлука. Децата ќе се вратат на училиште со маски. Додека ги носат маските и да бидат во директен контакт со дете заболено од Ковид,ако истото дете е без симптоми, нема да бидат ставени во карантин – појаснува Јулијана.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА