Државите што најдобро се носат со пандемијата имаат нешто заедничко – жени лидерки

Добивај вести на Viber

Примери на респектирачко лидерствово време на корона-кризата манифестираа Исланд, Тајван, Германија, Нов Зеланд, Финска, Исланд и Данска, кајшто жени покажаа како се управува во тешки времиња, пишува магазинот „Форбс“. Клучните карактеристики кои ги покажаа овие лидерки се: искреност, одлучност, љубов и емпатија.

ИСКРЕНОСТ

Германската канцеларка Ангела Меркел многу рано истапи и мирно им соопшти на граѓаните дека се работи за сериозен вирус кој ќе инфицира 70% од населението. Таа ја сфати состојбата сериозно, а истото го сторија и нејзините сограѓани. Веднаш започнаа со тестирање. Ја прескокнаа фазата на порекнување, лутина и несериозност низ кои минаа другите земји. Бројките во Германија се многу пониски од соседните европски земји, а наскоро се очекува и првата релаксација на ограничувањата.

ОДЛУЧНОСТ

Меѓу првите и најбрзите во донесувањето на клучните одлуки беше и Тсаи Инг-вен на Тајван. Уште во јануари, со првите знаци на новата болест, воведе 124 мерки за да го запре нејзиното натамошно ширење, избегнувајки ги строгите мерки на изолација воведени секаде низ светот. Таа сега им испраќа 10 милиони маски за лице на Америка и Европа. Ингвен го изведе она што Сиенен го опиша како еден од најдобрите oдговори на епидемијата, држејќи ја под контрола и бележејќи до сега само 6 смртни случаи.

Џасинда Ардерн на Нов Зеланд рано воведе изолација и беше кристално јасна по прашањето за максимално ниво на узбуна. Воведе самоизолација за луѓето кои доаѓаат на Нов Зеланд кога во земјата имаше само 6 случаи, а набргу потоа во целост го забрани влегувањето на странски државјани. Јасноста и одлучноста го спасија Нов Зеланд од бура. До средината на месецов имаат само 4 смртни случаи.

ТЕХНОЛОГИЈА

Исланд под водството на премиерката Катрин Јакобсдотир понуди бесплатно тестирање за сите граѓани, што ќе овозможи изучување на ширењето на вирусот и на стапката на смртност на основа на прецизни податоци. Поголемиот број земји прават ограничен број тестирања кај луѓето со симптоми. Поради масовното тестирање и поради темелниот систем на следење на заразените, на Исланд не мораа да воведуваат изолација ниту да ги затвораат училиштата.

Сана Марин стана најмладата премиерка избрана минатиот декември во Финска. Како вистинска милениумка, таа ја предводи борбата против коронавирусот користејќи инфлуенсери на социјалните мрежи, зашто знае дека сите не ги следат традиционалните медиуми.

ЉУБОВ

Премиeрката на Норвешка Ерна Солберг дојде на иновативна идеја преку ТВ да им се обрати директно на децата, а слично стори и премиерката на Данска Мете Фредериксен, која одржа прес-конференција само за деца. Таа одговараше на нивните прашања, објаснувајќи им дека е во ред да се чувствуваат исплашено. Тоа што изненадува е сознанието колку е оваа идеја едноставна и оригинална, а ниту еден лидер досега не ја спровел.

Генерално емпатијата и грижата кои ги искажаа овие лидерки се чини како да доаѓаат од некој паралелен универзум, пишува „Форбс“. Нивните приказни, делуваат нестварно споредени со мачо-лидерите кои ја користат кризата за да ги зацврстат своите авторитарни владеења во кои постојано обвинуваат некого друг, го контролираат правосудството, ги демонизираат новинарите и си ги туркаат земјите во мрак, пишува „Форбс“, наведувајќи ги Трамп, Болсонаро, Орбан, Путин, Нетанјаху....