„Џебовите празни, децата гладни за дружба“: Kолку чинат денес родендените во градинка и училиште

Екипата на „Женски магазин“ спроведе мала анкета со граѓани и родители на деца кои одат во градинка или училиште.
Прашањето кое го поставивме беше: Колку новите трендови – како торти за првачиња, частовки за родендени и собирање пари за подароци за наставниците – се одразуваат на семејниот буџет?
Родендените во градинка – обврска наместо радост
Една мајка ни раскажа дека за секој роденден во градинка одвојува околу 3.000 денари. Тоа се пари за мали подароци за сите деца во групата, затоа што во нивната градинка сите родители така правеле, па и таа не сакала да се издвојува.
„Еднаш поканив деца од групата на роденден, но скоро никој не дојде. Реално, тие и не се дружат на родендените, туку учителките им ставаат подароци во ранчиња и толку. Нема ниту прослава, ниту дружба. За тие пари можам да платам игротека – барем ќе се изиграат и ќе го памети роденденот“, ни кажа мајката.
Со оваа изјава се отвора важна тема – дали родендените во градинките стануваат финансиска обврска наместо детска радост? Родителите често чувствуваат притисок да следат „правила“ кои всушност никој формално не ги наметнал, но за да не се разликуваат од другите, ги прифаќаат.
Нов тренд – торти за првачиња
Од повеќе родители дознавме дека се појавил нов тренд – торти за првачиња. Се продаваат мали торти кои чинат по 700–800 денари, а во нив нема ни десет парчиња.
„Тортите се минимални, а скапи. Трговците нашле начин да заработат на децата. Никогаш претходно не сум слушнала првачиња да се испраќаат во училиште со торти“, вели една мајка.
Родителите укажуваат дека социјалните мрежи и маркетингот често влијаат на создавање на „мора“ трендови, кои со текот на времето стануваат непишани правила. Така, нешто што некогаш било едноставно и симболично – првиот училишен ден – денес се претвора во уште една финансиска ставка на сметката на родителите.
Частовките и подароците за наставниците
Неколку родители забележаа и дека освен частовките за родендени, дополнителен товар претставува и собирањето пари за подароци за наставниците.
„Во нашето одделение дел од родителите инсистираат да се купуваат скапи подароци – часовници, парфеми и други работи. Тоа дополнително го обременува семејниот буџет. А нема потреба од тоа. Може да се купи цвеќе, дечињата да изработат нешто креативно и тоа ќе има многу поголема вредност отколку скапиот подарок“, вели еден татко.
Ова отвора и поширока дискусија за тоа како треба да изгледа вниманието кон наставниците. Многумина сметаат дека симболичен знак на благодарност е доволен, а не луксузни подароци кои всушност создаваат дополнителна финансиска неправда меѓу родителите.
Психолошкиот притисок врз родителите
Од изјавите што ги добивме, јасно е дека покрај финансискиот товар, постои и психолошки притисок. Родителите не сакаат нивното дете да се чувствува поинаку или да биде изоставено, па дури и ако не можат финансиски да го издржат товарот, наоѓаат начин да учествуваат во трендовите.
Социјалниот аспект е клучен – кога сите прават нешто, тешко е да се биде единствениот што не учествува. На тој начин, наместо искрено славење на детството, родендените и прославите стануваат форма на натпревар и престиж, кој родителите скапо го плаќаат.
Време е за враќање на суштината
Анкетата покажа дека новите трендови околу родендени, торти и подароци навистина претставуваат дополнителен финансиски товар за родителите. Но уште поважно – ја губат суштината на самата прослава. Наместо да бидат моменти на радост и дружење за децата, стануваат симбол на обврска и финансиски притисок за возрасните.
Можеби е време за промена – да се врати вниманието на едноставноста, на детската дружба, на споделените моменти. Наместо скапи подароци и трендови, децата најмногу ќе запомнат игра, смеење и внимание. А родителите – помалку ќе се чувствуваат дека нивниот џеб е најважниот фактор за тоа дали нивното дете ќе има „добар“ роденден.
М.С.К / Pexels