Големо признание за Македонија – нашите судии меѓу елитата на европскиот ракомет

Европската ракометна федерација (EHF) ги номинираше два судиски пара од Македонија за претстојното Машко Европско првенство во ракомет 2026 година, кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, во периодот од 15 јануари до 1 февруари.
На престижната листа на избрани судии се најдоа имињата на Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, како и Димитар Митревски и Благојче Тодоровски – четворица арбитри кои со својот долгогодишен труд, професионализам и интегритет го поставија македонското судење високо на европската ракометна сцена.
Николов и Начевски веќе подолго време важат за еден од најпризнатите судиски парови во светот, со богато меѓународно искуство на најголемите натпреварувања, вклучувајќи Светски и Европски првенства, како и Лигата на шампионите.
Митревски и Тодоровски, пак, ја претставуваат новата генерација на македонски судии кои успешно чекорат по нивните стапки и веќе имаат сериозен рејтинг во европските натпреварувања.
Оваа двојна номинација е уште едно потврдување на угледот и квалитетот на македонската ракометна школа, не само во играта, туку и во судењето.