Херојот Борче- „Донирај компјутер“ стаса до 1.000 донации: Наша цел е во Македонија да нема деца и семејства без компјутери

Добивај вести на Viber

Во нашето претходно интервју, во мај минатата година, со нешто повеќе од 200 донирани компјутери, Борче Стаменов скромно се надеваше дека до крајот од 2020 година ќе стаса до бројката 300. Планови за оваа година немаше. Кавадарчанецот со златно срце, кој поправа стари компјутери и ги донира на семејствата што не можат да си дозволат да купат нови, има голем повод да биде среќен и горд, а и сите ние на него. Борче деновиве го испраќа илjадитиот компјутер на вистинска адреса.

Идејата на Борче да помага на овој начин се родила во 2016 година, сосема случајно, а сега веќе за „Донирај компјутер“ знае цела Македонија. Стаменов е голем емотивец и вели дека не се среќава со оние кои добиле донација од него и од соработниците, но душата му ја греат пораките што ги добива од нив. По повод илјадарката, муабетевме со Борче кој со голем ентузијазам ја организира забавата на 29 август во неговото Кавадарци, и вели дека сите се поканети.


*Постигнавте голем успех, 1000 донирани компјутери. За колку време успеавте да ја достигнете оваа бројка?

-Јубилејот за нас претставува огромно достигнување. Да собереш, средиш, спакуваш и испратиш 1000 компјутери и притоа да не потрошиш ниту еден денар не е ниту малку мала работа. Ние до крајот на 2019 имавме некоја бројка од 200 донирани компјутери. Правата “експлозија” се случи кога ни започна пандемијата и беше воведена онлајн наставата. Тогаш се отвори уште една дупка која државата веројатно ја имаше подзаборавено. Понекогаш мислам дека цела оваа авантура ја започнав за да им докажам на сите, а пред сè на надлежните,  дека и иницијатива во која не фигурираат пари може да биде успешна.  Ние со наш труд закрпивме од дупката колку бевме во можност. За нецели 2 години низ цела Македонија се поделија над 800 компјутери. Ако извадиме неработни денови и паузи кои понекогаш си ги даваме излегува дека на ден сме праќале по 4-5 машини спремни за работа. Нормално за ова мора да се заблагодариме на сите добри луѓе и компании кои го слушнаа нашиот повик и се одзваа. Мора посебно да се заблагодариме и на „Еко Логистик сервис“ кои сите наши донации го доставуаат бесплатно! 

*Дали на почетокот од оваа хумана мисија имавте зацртана цел, бројка до која планиравте да стасате, се надевавате ли дека ќе стасате до илјада?

-Искрено, не. Јас не сум човек кој планира и гледа надалеку во иднина, бар не во иницијативата која ја создадов. Јас гледам проблем и се обидувам да го решам моментално на мој начин. До сега и сами сте сведоци дека тој систем одлично ми функционира. Исто не сум ни од оние кои премногу се надеваат и на крај завршуваат разочарани. Јас работам на систем “капка по капка”. Започнавме со 20 компјутери, бевме упорни, инспириравме многу луѓе со нашата посветеност и така и стигнавме до првата илјадарка. Ќе стигнеме и до 2000, а може и ќе треба да донираме и надвор од државата како сме тргнати? Наша цел, ако веќе мора да ја имаме,  е во Македонија да нема деца и семејства без компјутери. 


*На Фејсбук најавивте прослава по овој повод, како планирате да ја организирате, каде ќе се случува?

-Прославата е замислена како неколкучасовна дружба, да се видиме и да се запознаеме. Ќе се случи на 29 Август, недела. Ја правиме за да им кажеме благодарам на сите оние кои нè поддржаа во нашето патување до тука. Да викнеме уште погласно за уште повеќе народ да разбере за „Донирај компјутер“ и по можност и желба да се приклучат во нашата мисија. Ова е кавадаречка иницијатива пред сè, ќе се одржи во околината на Кавадарци. Идејата е да биде на отворено некаде кај споменикот на 12-младинци. Веќе ни се најавени донатори од цела држава кои ќе го подржат “славењето” со свој прионес. Поради ограничени паркинг места веќе со кавадаречката компанија „Екстра“ договоривме и автобуски линии кои би ги носеле и враќале оние кои ќе решат да нè посетат. Планирани се двајца или тројца диџеи и еден бенд. На влез би се продавале маички кои можеби нема да имаат цена па секој ќе може на тој начин да донира средства според неговите можности. Тие средства ќе ги искористиме нормално да ги платиме маиците, нешто за средување на некои донации на кои им фалат делови и дел за средување на нашите нови простории каде ќе работиме во иднина. До сега работевме во фирмата „Бидат информатика“ каде што сум вработен, но самата иницијатива си бара засебен простор. Веќе ни е официјализирано и здружението „Донирај Компјутер – Кавадарци“ кое го основав за да ни се олесни процесот на примање донации од правни лица и да примаме доонации од страна од оние кои сакаат да нè поддржат. Наскоро ќе објавиме и официјален флаер со програма и локација. Поканети сте сите! 

*Работата несомнено ви се зголеми во време на онлајн наставата, имавте ли поголема поддршка и помош од соработниците, од донаторите, од државата?

-Бројките сами зборуваат колку ни се зголеми и работата и поддршката. Јас до пред две години работев сам и тогаш ми се придружи и Дејан Милачески кои секој свој слободен момент го користи да среди некоја машина. Исто имам и еден практикант, Жике Коцев, кој распустот ќе го мине кај нас пред да замине на факултет. Ова со практинатите планирам да стане редовна практика. Инаку за подршката, доволно е да напишам еден статус што ни е потребно во моментот и за многу кратко време го добиваме тоа. Еве денес за донација имавме монтажна рампа за лица со попречен развој која ни пристигна дури од Германија. Ни требаше превоз од Кавадарци до Скопје каде се наоѓа семејството на кое му е потребна. За 2-3 часа се јавија повеќе лица кои понудија и превоз и истиот да го платат. Тоа само зборува каква доверба успеа да стекне “Донирај Компјутер“ и кај физичките и кај правните лица. Државата нема да ја коментирам. Само ќе кажам дека кај нас сè е бесплатно и нема никаква заработка, затоа и не сме интересни за државата. 


*Дали сте задоволен од третманот на државата и инстутуциите кон вашите дела, што е она што може да се направи за да ви се помогне на вас и на оние на кои вие им помагате, а досега не е направено?

-Досега освен Претседателот Стево Пендаровски речиси и никој да не се понудил за помош. За мене неговата посета претставуваше огромна чест и почит кон самата иницијатива. Напраивме муабет, нафрливме некоја идеја која се надевам дека ќе се оствари. Некои институции запрашани дали имаат план да ни помогнат на некој начин, едноставно го шкртаат прашањето.  Има некои иницијативи од државни институции да се донира опрема, но не сме ги реализирале затоа што не сме никаде регистрирани како правно лице. Можеби тоа е проблемот што не сакаат да нè приметат? Затоа и се основа здужението. Се надевам дека после основањето некои работи ќе се изменат. Во македонските институции има компјутери кои скапуваат по подруми и се употребливи, а можат и да го решат прашањето за имање компјутер на семејства низ цела држава. Ние ќе се погрижиме, во нашите можности се разбира, дел од тие компјутери да се преземат, поправат и да се донираат на оние семејства на кои им се потребни. Најголем проблем ни претставува немањето автомобил па честопати или се молам на трети лица или позајмувам од брат ми за да ја пренесам донацијата од точка А до точка Б. Сам не сум доволно силен да купам, па макар и половен. 


*Денис Јанкуловски познат како Космонаутко стана ваш соработник и пријател. Како се запознавте и како го негувате пријателството?

-Со Денис сме пријатели на Фб некое време. Јас таква позитивна личност и енергија не сум видел ниту запознал некогаш. Скоро, на доделувањето на наградите за Европеец на годината и во живо и се запознавме. Исто, заедно бевме и на настанот кој го организираше Радио МОФ, „Енгејџ“ каде бевме поканети како говорници. Денис ми е од оние пријатели со кои и да се видиш после 10 години, ќе биде исто како да не си се видел пола саат. Таква енергија зрачи од него. Мислам дека и тој треба да праи некоја „дешавк“а каде ќе прослави илјадити препев на песни каде сите ние почитувачи на неговото дело ќе му пееме караоке!


*Имате ли неостварена цел- сон за кој верувате дека еден ден ќе ви се исполни? 

-Само сакам граѓаните на Македонија да се среќни. Сакам колку е можно повеќе да придонесам, да придонесеме за остварување на таа цел. Знам, голем залак е тоа ама па и ја „иам“ јака вилица.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива