И овој Велики четврток Џокси, „ќе ја напушти пештерата во која хибернира 361 ден“: Пејачот се шегува на своја сметка

Добивај вести на Viber

Календарската пролет е предвесник на големиот христијански празник Велигден, кој секоја година менува датум, а денот (недела) останува ист.

Кога ќе се спомене овој празник првата асоцијалција е велигденската химна „На Велигден сум се заљубил“, отпеана од Џокси.

Легендарната песна секоја година пред, за време и по Велигден е присутна на радио станиците и по неколкупати во денот. Со текот на годините оваа песна беше препеана од најразлични изведувачи, но автентичноста останува во оригиналот.

Со наближување на Велигден, Џокси се пошегува на негова сметка, па објави интересна фотографија на која напиша:

„Добро утро мој народе од Македонија.

Секој Велики четврток, Џина Папас Џокси (lat. Geanum Papanicus Joksiae) ја напушта својата пештера, во која хибернира останатите 361 ден од годината и со својата препознатлива песна, го означува почетокот на славењето на велигденските празници“.


Авторот Џокси, со оригинално име Ѓорѓе Васиќ со оваа нумера успеа да испише историја во домашната музичка продукција, а еве ја историјата на оваа легендарна песна.

- Рефренот е инспириран од баба ми Уранија и нејзината приказна за тоа како нејзиниот татко, мојот прадедо Коста, ѝ ги враќал стројниците кои упорно доаѓале за Велигден. Се сеќавам кога со неа бегавме преку прозор да не нè види татко ми како одиме во црква. Редовно палевме свеќи, бакнувавме икони и кршевме јајца–откри Џокси во интервју за „Женски магазин“.

Рефренот кој му ја одбележа кариерата секогаш го навраќа на деновите за Велигден поминати во Селца, населба на островот Брач и особено на една средба што ќе ја памти до крајот на животот.

- Една постара жена едноставно ме прибра во процесијата. По неколку круга околу црквата ме седна во првите редови и ми шепна на уво да ја отворам устата доколку не ги знам спалмите. Ненавикнат на плејбек, се обидував од свештеникот да ги ловам зборовите во што бев многу вешт, а бабичката беше изненадена дека ги знам наизуст. Сепак, овој момент не остана туку така доживеан. Се распадна поранешната држава, а со неа и сите мои врски со Далмација. Само сликите останаа како спомен на едно убаво време, а мене ми остана да ги вклопам во една. Не ми требаше многу. Во еден момент од мене излегоа и музиката и текстот–раскажа тој.

Првичната верзија на песната е снимена на грчкиот остров Крит. Особено е интересна приказната околу создавањето на аранжманот. Кога Џокси се вратил од Сплит и одлучил да ја сними песната го побарал Тоше Поп-Симонов.

- Го начекав на Крит каде неговата сопруга специјализираше и во тој период таму го имаше преселено целото студио. Се качив на авион и им се придружив. Ги начекав во една многу растроена ситуација, згрозени од однесувањето на Грците и нивните префрлувања дека ние како народ, како држава не постоиме. Ја земав гитарата и почнав да ја свирам „На Велигден“. На тројцата ни потекоа солзи. Тоше едноставно заборави на другите песни. Мислам дека седум ноќи око не склопи до крајното решение. Гајдите ги снимивме во Скопје со Гони Жарновски кој во тоа време беше член на групата „Клержо“–откри познатиот музичар.

Фото: Фејсбук
РЖМ