Името е чиста случајност: Горан Папаз за настапот пред Папата Франциск
Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, денеска е во посета на нашиот главен град Скопје.
Петнаесет илјади граѓани на плоштадот „Македонија“ ќе ја слушаат мисата, а доколку временските прилики дозволат, папата ќе се движи со папамобил од Спомен куќата на Мајка Тереза до плоштадот и до црквата „Пресвето срце Исусово“.
Музичарот Горан Папаз ќе биде специјален гостин и ќе настапи пред Папата Франциск.
- Желбата да бидам јас беше на Католичка црква, добив повик кој со задоволство го прифатив. Тоа што сум Папаз и на турски и грчки јазик значи свештено лице, е чиста случајност- раскажа Папаз за Женски Магазин.
Освен регуларни проверки поради сигурносни мерки, немало ниту посебен протокол, ниту специјални проби, само нормални и обични подготовки и заеднички проби на песните во самата дворана.
На настанот што ќе биде во дворот од Католичката црква, „Пресвето Срце Исусово" после 14:30 часот, каде папата ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите, Папаз ќе биде гостин на црковната музичка група „Агапе" и ќе се претстави со три песни.
- Ќе изведам три композиции во кои имам соло, а се пее за постоењето на Господ. Песните звучат како класични поп хитови- вели тој.
Музичарот кој горд сопруг и татко, открива дека со нетрпение го исчекува денешниот настап и е многу возбуден и среќен за истиот.
Д.Караташова