Интервју со д-р Оливера Клинчарова, Граѓански кандидат за избор на пратеник од Македонски концепт во ИЕ 1

Оливера Клинчарова: Можеме ли
нормално?
Зад оваа жена, има интересна и мотивирачка приказна за патот кој треба да се изоди и за сите препреки кои треба да се надминат за да се стигне до посакуваните цели. Зборуваме со мајката на Нина(10), Иван (24) и Христина (26), доктор на економски науки, инвестиционен советник, судски вештак, осигурителен брокер, сметководител и консултант. Ова е приказна за посветеност, упорност и насоченост и во професионалниот и во приватниот живот, но најмногу од се е приказна за мотивот и желбата да се направи промена, да се вложи себеси во создавање на Македонија како нормална држава со вистински вредности.
1. Вие сте истакнат професионалец во сферата на финансиите. Што ве натера да се впуштите во политичките води?
Граѓанскиот концепт на Македонски концепт и тоа што се залага за вистински граѓански вредности. Целата идеологија е базирана на правење промени кои што кореспондираат на потребите на народот, граѓаните, не на политиката и политичарите. Експертизата во разни полиња и сектори ја ставаме во функција на создавање народен парламент со пратеници волонтери. Дополнителен мотив ми беше тоа што не морав да се поларизирам кон одредена страна туку, доколку бидам избрана, би била Граѓански кандидат за пратеник.
Секој период од животот ми бил исполнет со сосема различни приоритети, предизвици и хобија. Од постојано учење, и дипломирање со родени две деца, до менување на повеќе различни компании, позиции, различни економски области, преку првите Темпус заеднички постдипломски Европски Студии на Економскиот факултет во Скопје и факултетите од Staffordshire University – Great Britain; Universita Degli Studi di Bari – Italy и University of Antwerpen – Belgium, до магистар по Европски студии.
Паралелно, отсекогаш ме интересирале општествените, заедничките проблеми што ги делиме како граѓани на оваа земја, од нашите европски перспективи, зголемувањето на социјалната заштита на ранливите групи, проблемот на сиромаштијата, здравството, а во последно време се повеќе фокусот е насочен кон еколошките проблеми што ни го оневозможуваат нормалното живеење и организирање на општествен концепт, идеи и акции за здрава животна средина.Се воодушевувам на секоја позитивна акција и реакција, на сите самоиницијативи на граѓани и невладини организации во оваа област, како што се Не биде ѓубре, Биди зелен и други, кои патем ги консултиравме за нашите идеи во врска со чистење на земјата, воведувањето на енергетските задруги, кои треба да значат спој помеѓу еколошките и економските предизвици на нашата земја, односно симултано постигнување на двете придобивки.
Прашање: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?
Креативниот човек е мотивиран од желбата за постигнување, а не од желба да ги победи другите. По исполнувањето на моите лични цели, од аспект на образование, кариера и мајчинство, време е и за општествена акција, односно институционално вклучување со цел постигнување на заедничките а воедно и мои лични приоритети: од областа на животната средина, искоренување на сиромаштијата во нашата мала земја и владеење на правото, разбирајќи го како правда за сите! Вклучувањето во политиката не може, како досега, да носи само права и привилегии, мора да носи пред се одговорност, отчетност и разумност!
Можам реално да ги согледам вистинските потреби на граѓаните, а нивниот интерес е на прво место, и имам знаење и сила за реализација на политики за надминување на проблемите и предизвиците на нашето општество. Сепак, способноста е ништо без можноста, така што се надевам дека пред се неопределените гласачи, би ја препознале нашата иницијатива за активен институционален и системски придонес во градењето на иднината, наша и на нашите деца. Мора да ги напуштиме сите практики кои нè делат по каква било основа, наметнуваат нереални критериуми за вработување по етничка и/или партиска основа, не ценејќи ги квалификациите и референците на поединците, така што сами создаваме неквалитетна администрација, која понатаму нè придонесува соодветно за развој и унапредување на услугите кои таа треба да ги пружа на своите граѓани.
2. Колку и какви промени жените во Македонија може да предизвикаат?
Жените се многу необични суштества и длабоко верувам и знам дека нема нешто што една жена, особено мајка, не може да го постигне. Неверојатни биле и нашите мајки, баби и прабаби, кои на свои раце го имаат израснато овој наш народ. Иако застапеноста на жените во општествениот живот, политиката и економијата, се чини мал, нивниот придонес е голем! Жените работат потемелно и ја поставуваат својата компанија на цврста основа, тоа се жени кои се упорни, посветени на работата, едуцирани, со визија и амбиција да бидат најдобри во тоа што го работат, одговорни кон животната околина, кон вработените и кон заедницата. Знаете, постои мислење дека жените во политиката заради својата мајчинска функција внесуваат грижливост и емотивност во одлуките, додека пак мажите се чисто рацио. Јас би рекла дека една современа, самосвесна и изградена жена во политичките одлуки одлично балансира меѓу емотивното и рационалното и го носи најдобрите одлуки што се потребни на овој свет а и на нас како држава. Со еден збор, жената во политиката е конструктивна сила, и просто речено видете го примерот на Германија, Нов Зеланд, Европската Комисија. И секоја чест на сосема едноставните и скриени жени-херои, самохрани мајки, работнички, земјоделци, хирурзи, наставнички...жена, колку тоа гордо звучи!
3. Освен професионалните и сега политичките активности, кои други ангажмани во ги исполнуваат секојдневието?
Сакам многу да читам, сакам поезија, музика, сакам уметност, учев да цртам на стакло, што ми донесе сериозен спокој и задоволство, одгледувам цвеќиња, а годинава ја имам најубавата зеленчукова градина, засадена и одгледувана со сопствени раце. Отсекогаш пеев, на часови, во автобуси, ама од минатата година се приклучив кон Скопје Госпел хор, така што пропеав во Македонски народен театар и на Божиќниот концерт во Мериот, и просто сум воодушевена од нашата заедничка енергија и синергија на сосема различни луѓе, кои единствено ги спојува љубовта кон пеењето!
4. Каков е Вашиот стил на однесување, стилот на облекување, деловен, конзервативен или слободен? Какви и кои манири ги сметате за предност?
Јас сум се уште од оние луѓе, што прво се насмевнуваат, а потоа си го кажуваат името. Сакам едноставност и искреност во односите, зошто времето е скапоцено и секое губење енергија на невистини и сплетки е залудно, одвеано во виорот. Имам емпатија и доверба во луѓето. Сакам едноставност и во стилот на облекување. Сакам облеката да зборува место мене, моите цветни фустани, мојот црно-бел свет, мојата жолта и индиго фаза. Минимален или без накит, без лажни нокти, без шминка - разликата помеѓу е само црвен кармин! И насмевка!