Во Македонија за да си инфлуенсер клучно е да се „оперираш“ од тоа кој што кажал за тебе: Спенџарска, Миа и Марис за инфлуенсерството + модни предлози за Нова година

Добивај вести на Viber

Социјалната мрежа Инстаграм е дефинтивно едно од омилените места на женската популација. Објавувањето на фотографии од својот живот, инспирирање за нови модни комбинации, учење рецепти, пронаоѓање убави места за патување- се дел од секојдневните пребарувања на Инстаграм.

Овојпат имаме три инфлуенсерки чии профили на Инстаграм изгледаат како оние на светските блогерки со неколку милиони следбеници. Миа Костова, Јелена Спенџарска и Марис Џолин се едни од инфлуенсерките во земјава со најголем број следбеници на Инстаграм, па поради довербата која ја уживаат кај дамите, решивме да ви пренесеме дел од нивните новогодишни видувања за модата, како и за нивната професија - инфлуенсерството.

Кога станува збор за моден избор за дочекот на Новата година, трите инфлуенсерки се согласни дека мора да имаме парче што светка.

- Само што ќе дојде декември, се знае, веднаш се вметнуваат светкавите материјали во мојот плакар. Дали тоа ќе бидат аксесоари за коса, светкави ташни, јакни или било кој дел од гардеробата, имам буквално сè и обожавам да комбинирам. Штрасовите и металик сјајот сами по себе изгледат погламурозно, но затоа не треба да се претерува со нив зашто е лесно на крај да изгледаме кич. Скоро секоја Нова година сум во светки или ние како си ги викаме „шљокици“, па исто ќе биде и за оваа. Или во пижами, уште не се знае - открива водителката Јелена Спенџарска, додека пак нејзината колешка Миа Костова вели:

„Модниот избор за Нова година би зависел од тоа каде би славела. Во секој случај не сум тип на жена што обожава фустани, па би била некоја комбинација на попетици со добро искомбинирани панталони, можеби некое светкаво маиче и добро сако и неизбежно впечатлив накит.“


Девојката пак која е препознатлива по својот уникатен стил, Марис Џолин има супер предлог доколку сакате да бидете во центарот на вниманието:

„Мој предлог за моден избор за Нова година се парчиња кои се впечатливи, кои „разговараат “ со околината, (хаха) така ги викам јас. Парчиња не само да „стојат” туку да даваат некоја димензија на телото. Тоа на пример може да е некое парче кое светка и рефлектира, има впечатлива боја, детал со пердуви или пуфкаст детал“.


Секоја година со себе носи нови модни трендови, или пак враќање на оние од пред неколку сезони, а Јелена Спенџарска смета дека следната година многу повеќе акцент ќе му стави на крзното, но на лажното секако. 

„Ќе се носат кратки и долги крзнени бунди во сите можни бои. Широки карго пантолони, долги фустани, мали ташни. Имам чувство дека сè ќе биде во знакот на удобноста“- додава таа.


Марис пак навива за мешање на принтови, која самата многу умешно го практикува и вели дека сега секој има пристап до платформи за изразување на својот уникатен вкус и стил, и секојдневно излегуваат нови идеи и начини на стилизирање.

„Во модата ама сега сè повеќе и повеќе се охрабруваат комбинации со различни бои и принтови. Тоа и самите може да го заклучиме согледувајки ги светските модни икони на високата мода, веќе нема нешто што не одговара на нешто. Ако размислите подобро, во последно време сè помалку има „моден тренд” .Така да, влегуваме во ера во која повеќе нема модни правила. Нема повеќе „Како ти се допаѓа ова, дали да го носам?” Туку
„Мене ми се допаѓа ова, и ќе го носам!” - појаснува таа.


Инстаграмот и поимот „инфлуенсерка“ или „некој кој има влијание“ зазема голем замав низ светот, но секако и во нашата земја. Како Јелена, Миа и Марис како едни од највлијателните профили на оваа платформа размислуваат на оваа тема. Што е клучно за да склопат соработка и дали во земјава има заработка од инфуенстерство?

- Инстаграмот денеска, на некој начин се претвори и во професија, така да доколку се покажеш и докажеш таму, можеш да заработуваш многу повеќе од многу други професии со работно време. Посебно во Македонија, клучно е да зборуваш, но и да се „оперираш“ од тоа кој што кажал за тебе. Самото преголемо јавно изложување и јавно говерење буквално за што и да одлучиш во мала земја како нашата е меч со две острици, ќе го добиеш вниманието, соработките, парите, отворените врати, но во исто време ќе добиеш многу лажни пријатели, многу озборувања и многу негативна енергија. Трикот овде е колку добро се познаваш себе, дали точно знаеш што сакаш и дали си ментално спремен да одиш до крај. Мислам дека многу луѓе кај нас од старт се откажуваат да ги следат своите соништа токму поради јавниот притисок и недостатокот од поддршка. Потполно ве разбирам и ве охрабрувам да го направите првиот чекор. На крајот од денот не заборавајте дека живееме за себе - заклучува Спенџарска.

За Миа Костова да прифати соработка клучно е да го користи и да е задоволна од она што го презентира. Имало производи кои ги тестирала и два месеци пред да потпише соработка. Така што, таа вели дека кај неа многу тешко влегува производ исклучиво само затоа што е добро платено.

- Кога склучувам соработки најмногу гледам на тоа дали продуктот ќе можам на интересен и забавен начин да го пренесам на публиката, не сакам обични „реклами” и верувам дека никој друг не сака.. па затоа се трудам на уникатен начин да пристапам на секоја нова соработка. И, нормално, да се работи за бренд кој мене лично ми се допаѓа и би го користела/носела - се согласува Марис.

Кога сме кај заработката, трите се децидни дека доколку знаете како и сте истрајни, се заработува и повеќе од доволно.

- Во Македонија солидно се заработува од оваа професија, но морам да кажам дека во странство се заработува 10 пати повеќе од истата... и тоа не преувеличувам! - открива Марис која од неодамна се пресели да живее во Шведска.


*Д.К.И.