ЌЕ СЕ ГОРИ ЛИ 35 ТОНИ ПЛАСТИКА ДНЕВНО ВО НЕГОТИНО? Фирма која ја изгуби еколошката дозвола во Желино пикираше нова локација

На помалку од 500 метри од локацијата на која „Зока Енерџи Солушн“, како стратешки проект требаше од отпад да прави електрична енергија, друга фирма се обидува да добие дозвола за нова фабрика, овојпат за согорување на 35 тони пластика дневно, а од која според планот доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање, треба да се прави пиролитичко масло и син гас, а се остава можност и за производство на електрична енергија.
Откако проектот пристигнал во Министерството за животна средина, министерот Изет Меџити испратил писмо до градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, за мислење за изведба на проектот на фирмата „Даблју еко“ од Скопје, насловен „Воспоставување на инсталација за термичка декомпозиција на пластика со капацитет од 35 тони на ден“.
На својата подружница во Желино, каде и почна иницијалниот проект за согорување пластика, фирмата имаше А-интегрирана еколошка дозвола, но во 2023 година истата беше одземена, откако не ја ставила во функција инсталацијата за третман на пластика и отпад од пластика лоцирана во Желино.
По изгубената дозвола во Желино, во 2023 година фирмата се обидува овој проект да го премести и во Општина Петровец, а лани, „Даблју еко“ дава проект во кој е наведено дека сака да согорува пластика во Неготино и својот проект го доставува во Министерството за животна средина. Одговорот кој Општина Неготино го дава до Министерството за оваа фабрика е негативен.