„Кога има откажувања на резервациите, тогаш се намалуваат и цените“: Иво Крстевски „Пилот Травел“

Иво Крстевски сопственикот на „Пилот Травел“ и еден од најпознатите менаџери во склучувањето на аранжани со хотелите во Грција вели дека цените во популарните туристички центри за летување кај јужниот сосед може само да бидат поевтини во однос на ланската година, судејќи според актуелната ситуација што ја диктира епидемијата.
- Кога има откажувања на резервациите, тогаш се намалуваат и цените. Тоа е правило во туризмот. Според тоа, цените може да бидат само пониски, а не повисоки. Аранжамните со грчките хотели за летото 2020 се склучуваат во септември и октомври 2019, а во меѓувреме ситуацијата се уште не е јасна кога ќе има отворање на границите и какви ќе бидат мерките откако истите ќе се отворат. Моите информации се дека тоа ќе биде некаде околу 1 јули, а до тогаш цените ќе може само да паѓаат, вели Крстевски.
Во моментов понудата е скромна, а според Крстевски најголеми проблеми ќе имаат големите хотели, затоа што е неизвесно дали националните и интернационалните ограничувања ќе им дозволат на Русите, Германците и Британците да ги наполнат.
- Многу зависи и од тоа што ќе одлучи грчката влада, затоа што во овие објекти се собираат голем број на луѓе и имаат ресторани. Тука се и личните причини и чувството на страв и несигурност кај туристот. Трендот е надолен и цените може само да паѓаат. Според тоа очекувам и туристичките агенции, кои живеат од аранжмани и продажба на авио-билети, да ги намалат цените. Оваа година нема да биде таква во која ќе се гледа да се направи профит, туку да се преживее и да се спаси сезоната. Затоа не очекувам да се калкулира со профитните маржи, смета првиот човек на „Пилот Травел“.
Туристичкиот сектор во Македонија иако е најпогоден генерално успева да ги задржи своите вработени, но Крстевски вели дека мерките за субвенционирање од државата изгледаат конфузно за работодавачите.