Кога талентот станува успех: Марија Роглева ја донесе Македонија на модната мапа на Европа

Добивај вести на Viber

Во импресивниот амбиент на Божиќниот театар во Атина, под светлата на модната сцена и погледите на публиката од цела Европа, младата македонска дизајнерка Марија Роглева блесна со својот талент и визија. 

На финалето на европската награда за млади модни дизајнери, под патронство на престижната модна куќа „Пјер Карден“, таа го освои второто место, влегувајќи во топ петте најдобри европски учесници.

Марија Роглева се најде во конкуренција со над 450 млади дизајнери од различни европски земји, а нејзиниот успех претставува горд момент не само за факултетот, туку и за цела Македонија. 

На финалната ревија, тринаесетте финалисти ги презентираа своите колекции, а креативноста на Марија беше наградена со статуетка и диплома лично врачени од Родриго Базиликати-Кјарден, претседател на групацијата „Пјер Карден“.

Нејзината менторка, проф. д-р Гордана Вренцоска, гордо сподели емоционална порака:

Убав сон од кој нема да сакаме набрзо да се разбудиме. Приказна во која модата станува реалност на имагинацијата, патека на развојот и визија за подобра иднина. Ми беше чест и голема одговорност да бидам дел од нејзиниот пат кон европските модни сцени.

Ова признание е уште еден доказ дека талентот, посветеноста и страста кон уметноста можат да ја одведат младата генерација и од Македонија до најголемите европски подиуми