Која е „Ф-Групација“ чии објекти горат во Трубарево: Постои од 1998 година, а еве и каква е нејзината заработка низ годините

„Ф-Групација“ која се занимава со електронски отпад претрпува непроценливи штети во пожарот кој ги зафати нејзините објекти во скопско Трубарево. Фирмата не е непозната за јавноста - работи од 1998 година и е во сопственост на Даниела Налепа-Дамеска.
Фактор и претходно има пишувано за „Ф-Групација“, која е меѓу фирмите кои обработуваат и отстрануваат опасен отпад. Фирмата е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии, но и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила и секаков електронски отпад.
Низ годините, приходите на оваа фирма растеле, но заедно со нив и расходите. Добивката пак, низ годините доживува вистински осцилации. „Ф-Групација“ ја завршила 2022 година со приходи од 268 илјади евра, но по расходите имала добивка од 14 илјади евра. Во 2023 година, приходите биле поголеми - 279 илјади евра, но се намалиле расходите, па така, фирмата останала со добивка од 50 илјади евра. Приходите растеле и лани. Фирмата ја завршила 2024 година со над 347 илјади евра, но заедно со тоа, растеле и расходите. Добивката на фирмата лани изнесувала над 8 илјади евра.