Коронавирусот не ја спречи вековната Вевчанска традиција: Полна црква кошници со јајца

Добивај вести на Viber

Препознатливото и уникатно Вевчани покрај Вевчанскиот Карневал, има уште една вековна традиција, а овојпат за Велигденските денови.

Имено на Велики Четврток, фамилиите од Вевчани носат кошници со вапсани црвени јајца, кои отстојуваат на пеење во црквата „Св.Никола“. Обично се става јајце за секој член од фамилијата, како и маичка или чорапи за децата во семејството.

Тоа се првите јајца со кои фамилијата се крши меѓусебно за големиот празник Велигден, а лушпите од јајцата се собираат и се фрлаат во вода која тече, за да не бидат згазени или уништени, бидејќи се верува дека тоа носи несреќа.

Годинава верниците не присуствуваат на молитвата за пеењето на јајцата во црковниот храм, поради засилените мерки за заштита од коронавирусот, но се со уште посилна молитва за здравје и убавини кои ќе ги донесе Воскресението Христово.

Оваа традиција се почитува и низ други помали места во Дримколскиот крај.


Д.Караташова

Фото: Ѓ. Влајнкиноски