Магионичарот Меџик Кристијан позитивен на коронавирус: Има себични луѓе кои не го гледаат ризикот од заразата

Добивај вести на Viber

Илузионистот Кристијан Шопов, познат како Меџик Кристијан е позитивен на вирусот САРС- КоВ-2.  Омилениот детски магионичар, кој ги развеселувал најмладите и нивните родители на преку 2.000 родендени и настани во моментов е во домашна изолација, и вели дека му е тешко, но добро се држи. 

„Првите симптоми ги добив минатиот петок, покачена температура, кашлање и изгубив чувство за мирис и за вкус. Се вратив од детски роденден во Дебар тој ден, но невозможно е вирусот да сум го фатил таму, затоа што симптомите ги добив истиот ден. Носев заштитна маска, како и на сите детски родендени на кои одев минатиот период, а беа многу поретки. Подоцна слушнав дека во мојата зграда имало заразени со вирусот. Кајмајка ми на работа, која исто така има симптоми, како и татко ми, имало колеги кои се позитивни, па можеби е и од таму, навистина не знам“, раскажа Кристијан за Женски магазин.


Според него, помалку е важно од каде е заразен, важно за Кристијан е во овој момент да му се даде поддршка на здравствениот ситем.

„На системот му треба поддршка, а не критика. Сите ние треба да сме општествено одговорни и да ги почитуваме мерките. Ќе ви дадам еден пример. Ми се јавуваат луѓето да ме ангажираат за родендени. Им велам дека имам коронавирус, и тие веднаш ми бараат број од друг мој колега. Дел од луѓето воопшто не размислуваат да се откажат од идејата за илузионист на роденден. Себични се, не размислуваат за ризикот кој го носи таа абава. А не треба да е така. Цел свет фукнционира на зум, во Америка на зум се одржуваат детски родендени, забави. Зошто и кај нас да не е така? Зошто магионичарски трикови на децата не би им покажувал на зум на пример или на друг начин онлајн?“, порачува Кристијан.

Магионичарските триови се негова љубов од шест години. „Првите илузии ги изведував после школски часови со шпил карти. Оттогаш моите илузии едноставно пораснаа – што во големината на сцените на кои ги изведував, што во илјадниците посетители кои ги проследија. Денес ми е најмногу мило што прераснаа во вистински мали чуда кои секој следен пат длабоко ги допираат луѓето, а ова најсилно се одразува кај најмладите“, вели Кристијан за своите почетоци.


Уште од мал, тој има чувтсво за овој бизнис. Освен што со со љубов изведувал трикови, почнал да заработува, а парите ги инвестирал во учење на нови. Патувал низ регионот и учел од поискусните. Сега, со радост вели дека и тој своето знаење ќе го пренесува на помладите. „Веднаш по овој разговор имам онлајн час со едно момче од Делчево на чиј роденден бев гостин. Кашлам по малку, но за магија секогаш имам волја и сила“, вели Кристијан кој има учествувано и на многу хуманитарни настани.

До пред пандемијата, магионичарските трикови беа негов единствен извор на приход, но сега веќе за жал не може да живее само од тоа.


„Со години имам своја фирма, преку која си уплаќам стаж и плаќам придонеси. За жал, во новото нормално од оваа моја работа не може да се живее. Затоа ја затворив фирмата, и ќе се вработам во „Кроација осигурување живот“ како советник за животно осиурување. Ја имам таа среќа што ќе работам во општествено одговорна компанија, и што првичната обука ќе ја поминам онлајн, на зум, и таман до тогаш ќе ми заврши изолацијата. Ова е доказ дека не мора да значи дека ти требаат врски за да се вработиш, јас конкурирав на оглас и ме примија“, додава Кристијан кој е дипломиран економист во областа на маркетингот.

„Чест ми што ќе можам професионално да се реализирам во компанија која е лидер во животното осигурување“, додава Кристијан.

Малите работи го прават среќен Меџик Кристијан отсекогаш, а особено сега, кога е во домашна изолација. Сега му е важно да оди чекро по чекор. Да е здрав тој и неговите најблиски, за сè останато, ќе си дојде своето време.


Милица Џаровска