Македонија има злато: Еди Шерифовски е успешен млад џудист кој своите спортски успеси ги прегрнува горд на македонското знаме!

Еди Шерифовски своите чекори во спортот ги направил многу рано, денеска е успешен џудист, репрезентативец на нашата држава на елитни спортски натпревари, активно спортува и го следи спортот.
Неговите национални успеси го прават млад еминентен спортски амбасадор на Македонија во светот, покрај спортските успеси Еди е млад студент, кој со своите животни навики и животен стил инспирира генерации млади луѓе во Македонија како живеат во согласност со највисоки етички принципи.
Првите мои чекори ги направив многу рано. И верувам дека тоа има голем ефект на мојата кариера бидејќи како што би рекле „од мали нозе сум” кога се бавиме со нешто, различно ни се развива моториката, телото и други пропратни работи корисни за истиот спорт, вели Еди за „Женски магазин“.
Сепак како што и самиот вели, да се занимава со спорт било оправдано насочување на вишокот енергија која ја имал во детски денови. Од таа вишок енергија со дисциплина и вештина на контрола, создал спортски успех каков што ретко се среќава во Македонија.
Мојата хиперактивност во раните години беше неспоредлива. Иако е смешно но вистинито. Моите родители ме одведоа на боречки спортови поради тоа што бев „немирен”. За среќа се сретнав со џудото (после карате и аикидо). Веќе од првите тренинзи знаев дека „тоа е тоа”. Физичка дисциплина во која главно треба многу дисциплина, интелегенција, смиреност, почит итн…За мене тоа беше перфектен микс.
Освен што ја открил „магијата“ на џудото како спорт во индивидуалниот личен развој, смета дека овој спорт треба да биде прифатен и применуваат во поширок опфат на млади луѓе, бидејќи едукативните придобивки од џудото се признаени и од УНИЦЕФ.
Џудото е одбрано за еден од најдобрите спортови за развиток на децата од УНИЦЕФ. Имаме многу позитивни карактеристи што ги добиваме од џудото но особено би напоменал дека сѐ тоа многу повеќе се изострува кога ќе тргнеме кон професионално такмичарско џудо. Полно со реални вредности и предизвици кои би ни помагале поматаму во животот и на секојдневен план и во тешки круциални моменти.
Како успешен спортист, смета дека голем дел од успехот на спортистите се должи на нивниот оптимизам, борбеност и изострено чувство на „фер“ плеј, инаку условите во спортот во нашата држава денеска се далку од мотивирачки за еден спортист. Какви услови имаме како држава, огромен успех е што воопшто и имаме вакви спортски резултатите.
Колку и општеството да ги вреднува спортистите ние како земја немаме систем за поддршка на нашите репрезентативци и тренери. Спортот ни е на ниво 20-30 години поназад од Европа дури и 10-15години поназад од Балканот, потенцира Шерифовски.
Општеството колку и да те вреднува, да има и свои позитивни предизпозиции но ти сам си се изборил за тие, со тоа што си достигнал резултати кои не се постигаат без напорна работа долг период. Би рекол дека само тоа што државата ќе ги цени повеќе спортистите автоматски и граѓаните напоредно ќе се придружат повеќе.
Денес со овие услови младите деца знаат дека 99% од случаите не е исплатливо во Македонија да си репрезентативец во боречки спортови. Дури после 24+ години кој се бави професионално со боречки спорт е гледан попреку.
Околу моментот на прослава на победата како составен дел од целите на секој спортист, а Еди ги бележи многу и конотирањето на победата како национален успех, кој секој репрезентативец го покажува носејќи го националното знаме што воедно и го претставува на својата борба, Еди вели:
Нема поубаво чувство од тоа да знаеш дека репрезентираш држава. Кога си присутен на тие елитни натпревари и знаеш дека кога противникот гледа во тебе тој размислува на една цела земја. Ти си тој репрезентерен кој треба да оправда зашто е таму. Мене натпреварот во име на државата ми дава посебна емоција знаејки дека сум таму со плус еден мотив за разлика од репрезентирање само на моето име и презиме.
Иако џудото е есенцијалистичка компонента во идентитетот на Еди, онаа клучна состојка која го градела како личност, ако сепак не постоеше опција да се бави професионално со спорт, вели дека има многу хобија кои би ги претворил во професија - фудбал, економија, филозофија, нутриција, спортска и општа медицина се само некои од широкиот спектар на интереси кои Еди ги има. Единствено нешто за кое е сигурен дека нема да биде предмет на негов професионален интерес во животот е вели политиката.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов