Македонките се срамат од своите гради, градниците во Македонија се луксуз, а жените скапо чини по здравје: Акција за даночно намалување

Во Македонија сè уште владее срам кога станува збор за женските теми.
Здравјето, телото и секојдневните предизвици на жените ретко добиваат место во јавната дебата. Најчесто се зборува тивко – меѓу пријателки, во приватни разговори, далеку од медиумите и политичките агенди.
Еден од тие „срамежливи“ проблеми е и нешто што жените носат секојдневно – градникот. Иако се смета за симбол на пристојност и дел од социјалните норми, тој е и финансиски товар.
Денес, градниците во Македонија се оданочуваат со ист данок како цигарите и алкохолот – цели 18%, иако, за разлика од нив, тие не се луксуз, туку неопходност.
„Жените ја плаќаат својата пристојност прескапо,“ велат од Здружението Новинари за човекови права, кое ја покрена иницијативата за намалување на данокот на градниците од 18% на 5%.
Со тоа, цената би се намалила автоматски, што би претставувало конкретна поддршка за жените, особено за оние со пониски примања.
Во земји како Франција, Германија или Словенија, ваквите производи се третираат како основни потреби, а не како луксуз. Таму државата препознава дека пристојноста не треба да се оданочува, туку да се поддржува.
„Во Македонија зборуваме за родова еднаквост, но не сме подготвени да ја признаеме реалноста – дека жената не може да избере да не носи градник. Тоа не е мода, тоа е потреба,“ порачуваат од здружението.
Додека жените тивко разговараат за тоа колку чини удобноста, државата останува глува. Наместо рамноправност, на жените им се нуди даночна неправда. И можеби токму затоа, време е темите што се шепотат – конечно да се кажат гласно.
РЖМ / МСКФото: Freepik