Македонските атлетски херои Катерина, Радмила и Жикица на Tor des Géants: Ќе трчаат 330 километри на Алпите

Добивај вести на Viber

Македонија по првпат има свои претставници на една од најепските и најтешки ултра планински трки во светот – Tor des Géants, која секоја година се одржува на италијанските Алпи.

Нашите храбри претставници Катерина Шиповиќ, Радмила Јованова и Жикица Ивановски, членови на планинско-тркачкиот клуб ТРЕКС, застанаа на стартот на оваа импресивна авантура долга 330 километри со вкупна висина од 26.000 метри.

Оваа трка е вистински предизвик и за најискусните ултрамаратонци. Со време од 150 часа за комплетирање, само околу 40% од учесниците успеваат да стигнат до финишот во алпскиот град Курмаје. На патеката има 7 базни станици и 43 контролни точки, кои нудат храна, одмор и неопходна поддршка за учесниците.

Особена гордост претставува фактот што Охрид Ултра Треил 105к беше дел од подготвителните трки за нашите тројца учесници – потврда за сè повисокото ниво на планинското трчање во Македонија.

Tor des Géants не е само трка – тоа е искуство на границата на физичките и менталните можности, борба со природата, уморот и самиот себеси. Само вистинските „џинови“ ја поминуваат целната линија.

Катерина Шипковиќ за Женски магазин зборува за овој нов предизвик за кој се потребни физичка, кондициска и психичка подготвеност.

- Оваа трка е голем предизвик за мене, не толку поради растојанието, колку поради планинскиот терен, големото висинското искачување од околу 26000 м Д+ како и поради непредвидливите временски услови кои можат да бидат од +30 до-20 степени проследени со сонце, дожд, грмотевици и снег.

Учеството на Tor des Géants бара не само физичка издржливост, туку и ментална сила, прецизна стратегија и месеци внимателна подготовка. Нашите претставници не ја препуштија ништо на случајност – зад секој нивен чекор стојат стотици километри тренинг, долгогодишно искуство и силна посветеност.

- Подготовки за оваа трка имав 6 месеци пред настанот, но со добра базична подготвеност претходно. Тренинг планот беше составен од брзински тренинзи на рамно и нагорнини, истрчување на рамно, планински тренинзи за време на викендите и повеќе неколкудневни последователни тренинзи кои ги правев на повисоки планини со цел да ги симулирам условите на трката колку што е можно. На цел овој план имав додадено и тренинзи за сила и издржливост два пати неделно.

Кога станува збор за ултра планински трки како Tor des Géants, физичката подготовка е само дел од приказната. Вистинскиот предизвик често се крие во менталната издржливост – особено кога се соочувате со сурови временски услови, непроспиени ноќи и изненадувања кои само планината може да ги донесе. Токму затоа, менталната подготовка игра клучна улога во успехот на вакви трки.

- Оваа трка е позната токму по својата непредвидливост. Со самото пријавување бев свесна за предизвиците што таа ги носи и на што треба да работам за да успеам да ја завршам. Верувам дека направив се што беше во моја моќ за време на подготовките, па останува само да започне трката.

Иако Tor des Géants е индивидуална трка, патот до стартната линија често е исполнет со заеднички моменти, поддршка и заеднички тренинзи. Во случајот на македонските претставници, тимскиот дух не е само симболика – тоа е вистинска сила која ги води напред.

- Сите тројца сме дел од ист тим – ТРЕКС. Се знаеме повеќе години, спортот и природата не има споено, а подготовките за оваа трка не зближија уште повеќе.

Иако македонските претставници на Tor des Géants тргнуваат заедно и како пријатели и како дел од ист клуб, правилата на трката налагаат индивидуално учество. Секој тркач се соочува со предизвикот самостојно, со сопствен ритам и стратегија. Сепак, кога патеката е долга 330 километри, а трката трае со денови, дружбата и поддршката не изостануваат.

- Трката е индивидуална и секој од нас се натпреварува за себе. Сепак станува збор за прилично долга трка која трае повеќе денови и која знае да биде многу сурова, така што има голема можност да се сретнеме и да бидеме заедно во одредени делови.

Учеството на екстремни трки како Tor des Géants, но и на престижниот „Спартатлон“ во Грција, бара многу повеќе од физичка сила – потребна е внатрешна мотивација која не згаснува дури ни по стотици километри. Зад секој чекор стои длабока причина, лична приказна и силна желба за надминување на себеси.

- За мене, трчањето на долги растојанија претставува многу повеќе од спорт – тоа е начин за приземјување, доживување и спојување со природата, но пред сè – пат кон себеспознавање, откривање и надминување на сопствените граници. Успешното завршување на секоја поставена трка ми дава мотивација за нови предизвици и уште повисоки цели. Но, најголемата мотивација ја добивам од моите деца – сакам да им бидам личен пример за упорност, истрајност и верба во остварување на своите цели.

Трката Tor des Géants, на италијанските Алпи стартува во недела на 14 – ти септември во 10 часот.

Габриела Додевска Глигоровска