Моника Коцарева со блескава ревија во Париз: Македонската дизајнерка ја освои модната престолнина

Македонската модна дизајнерка Моника Коцарева уште еднаш го потврди својот меѓународен сјај. Нејзиниот бренд Atelier Kocareva оваа есен официјално се претстави на Paris Fashion Week, со ревија што ја освои публиката и модните критичари.
Колекцијата, насловена „Fleurs du Mal“ („Цвеќиња на злото“), претставува модерна реинтерпретација на париската уметност од 19 век. Со неа, Коцарева прави спој меѓу класиката и современото — меѓу деликатноста на уметноста и силата на жената. Секоја креација зборува за контрастите на животот – убавината и темнината, нежноста и храброста.
Ревијата се одржа во еден од најпрестижните хотели во Париз, симбол на раскош и култура, каде што дизајнерката уште еднаш покажа дека македонската естетика може рамноправно да чекори по светските модни писти.
„Колекцијата е рефлексија на современа уметничка визија, инспирирана од класичната париска префинетост,“ стои во најавата за шоуто, кое го најави Atelier Kocareva со зборовите: „We’re officially in countdown mode for our runway in Paris.“
Со „Fleurs du Mal“, Моника Коцарева не само што ги потсетува Париз и светот на моќта на женственоста, туку и гордо го поставува македонскиот потпис на светската модна сцена.
РЖМ/ИС - Фото: Официјален инстаграм профил Коцарева