Наместо со раце, цртам со уста, новата слика „Лебед “ ја направив за два часа: Роза Мојсовска, е родена со недостаток на горните и долните екстремитети
Животот и минува во количка. А сепак Роза Мојсовска зрачи со позитивна енергија. Вели дека љубовта се храни со љубов и се мери со среќни мигови. Талентот за цртање и пишување и се најголем двигател, а делата што ги создава најголема среќа. Со нив и пркоси на болеста од ражање - Артхрогрипозис Мултиплекс Конгенита, недостаток на горните и долните екстремитетите.

- Кога се родив, моите родители се консултирале со лекарите и тие препорачале да одам во Белград. Таму престојував девет години. Ми направија седум операции без успех. Последната операција беше кога имав седум години. Рацете ми беа оперирани, не можев ништо да работам. Но, не ја изгубив надежта. Решив да се борам на кој било начин. За празникот 8 Март учителките ни рекоа да нацртаме честитка за нашите мајки и да им ја подариме. Имав голема желба нешто да направам. Ја ставив боицата во уста и нацртав цвет. Тогаш учителките видоа дека имам талент – открива Мојсовска.
Од тој миг целосно се предала на сликањето. Една слика црта за една недела. Во зависност од инспирацијата нејзините дела може да настанат и за неколку часа.
-Неодамна кога бев во Охрид, цртав покрај кејот. Добив голема инспирација и сликата „Лебед“ ја нацртав за два часа. Имам две асистенти Тодорка Јамајловска и Наташа Маглешева, кои ми помагат околу местењето на штафелајот и ставање на боите во палета за да можам да цртам. Исто така тие се задолжени за миење на четките и бришењето на боите, ако случајно некаде капне. Останатото го правам сама и со Божја помош – вели Мојсовска.
Во рамките на манифестацијата Струмица - град на културата 2021 Мојсосвска се претстави со дваесет уметнички слики, проследени со поетско читање на нејзини дела.

- Имам напишано пет книги, кои се собрани во една. Инаку моите уметнички слики и поезијата ми се претежно духовни. Делата му ги подарувам на мојот Спасител Господ Исус Христос, бидејќи Тој ми даде таков дар да да цртам на специфичен начин, да цртам со уста. И да пишувам поезија. Станав член во Светско здружение на уметници кои цртат со уста и нозе во 2005 година. Мојата желба е еден ден да бидам полноправни член во тоа здружение да бидам професионална уметничка. Сакам едноставни работи и тоа ме прави срќна. Љубовта се храни со љубов и се мери со среќни мигови. И моите дела се такви – заклучува Роза.
Соња Алексоска Неделковска