Навикнете се на нова нормалност – и по корона-мерките, не ќе пиеме кафе колку досега

Шест услови за укинување на вонредните корона-мерки објави СЗО, откако неколку земји во Европа започнаа со извесни олеснувања на рестрикциите воведени за запирање на ширењето на новиот вирус. Условите ги претстави директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус, потсетувајќи дека за СЗО е прерано за вакви чекори и предупредувајќи, сепак, дека тие треба да се воведуваат постапно и многу внимателно.
Еве ги условите:
1. Преносот на вирусот да се контролира.
2. Да постојат капацитети на здравствениот систем за откривање, испитување, изолирање и лечење на секој случај и за следење на секој контакт.
3. Ризикот од ново ширење на заразата да се сведе на минимум со посебни услови во здравствените станици и домовите за стари лица.
4. Превентивните мерки да продолжат да важат на работните места, во училиштата и во други институции каде е важно луѓето да доаѓаат и да престојуваат.
5. Увезените ризици да можат да се менаџираат.
6. Заедниците да се целосно информирани, ангажирани и оснажени за прилагодување на новите норми на живот.
А, новите норми за живот, се чини ќе го промовираат како постојан или барем подолгорочно важечки стандардот на физичка оддалеченост при комуницирањето, пиењето кафе веќе не ќе може да биде толку често практикувано, а носењето маска, наспроти поделените мислења, сепак подолго време ќе биде неопходен асесоар.