Не го поддржувам протестот на музичарите, кога јас се борам за воздух: Горан од групата „Гезме“ позитивен на коронавирус и апелира до колегите да се смират

Добивај вести на Viber

Коронавирусот не ја заобиколи тамбурашката група „Гезме“ од Куманово. Двајца членови од групата се излекувани од вирусот, еден е во фаза на оздравување, а само еден член на тамбурашите имал среќа да не се зарази. Горан Михајловски, гитаристот и вокал на „Гезме“ раскажува дека првите две недели ги поминал со многу тешки симптоми, и не се согласува со неговите колеги музичари кои имаа протест пред Владата откако се забранија музички настапи во локалите.

„Јас ги разбирам колегите дека од музика живеат и дека е им е тешко. Но, не ги разбирам како можат да протестираат. Никој не може да сфати колку е опасна короната додека не им тропне на врата. Ги гледам пред некој ден на телевизија, протестираат, некои дури и велат дека е подобро да фатат корона отколку гладни да бидат. Ги гледам и си велам: „Дојдете кај мене дома да видите како е“. Тие штрајкуваат, а јас не можам воздух да земам. Пари се печалат, здрајето е она што не може со пари да се купи. Затоа апелирам и до моите колеги и до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита. И ние како група ја почитувавме дистанцата, свиревме во ресторани, но маска не носевме, не може да се пее со маска, особено не на акустични настапи како нашите“, вели Михајловски за Женски магазин.

Тој не се заразил од колегите од бендот, едниот од членовите го прележал во март, а вториот во мај, во периодот кога угостителските објекти не работеа.

Првите симптоми, Горан ги почувствувал пред речиси три недели- висока температура, повраќање и дијареа.

„Десет дена не можев да ја симнам температурата, не се спушташе под 39, ниту дијареата не престануваше. Ослабев осум килограми за неполни две недели. Имав силни болки во градите, едвај дишев. Кога сакав да се тестирам, во Куманово немаше термини, па ме упатија во Велес. Уште пред да ги добијам резултатите од тестот, се изолирав од домашните. Среќа е што живееме во куќа, па заминав на горниот кат каде што никој не живее. Сопругата и децата ми оставаа храна пред врата. Место во болниците нема, и кога ми беше најлошо бев неколку пати да примам инфузија и повторно се враќав дома. Ова не е играчка, и повтроно ќе кажам дека никој не знае како е додека не доживее. Ве молам, внимавајте“, апелира музичарот.

Сега, тој се чувстува подобро, симптоми веќе нема и среќен е што по три недели повторно е  со најблиските. Неговата сопруга и децата за среќа се здрави и немале никакви симптоми. Тој е многу задоволен од односот на здравствените работници. Неговиот матичен лекар и лекарите од Инфективното одделение во кумановската болница речиси секој ден го контактирале да прашаат како се чувствува.

Пред коронакризата, тамбурашите „Гезме“ го промовираа албумот „Дуња отровна“, а за песните, тие изјавија дека се балади, созадавани со голем мерак.

Ова е трет албум на составот кој е познат по соработката со многу домашни и балкански ѕвезди меѓу кои Здравко Чолиќ, Ален Исламовиќ и Елена Ристеска.

Милица Џаровска