Негативен сум на коронавирусот и ќе дочекам 96 години: Нино Величковски прослави 66 роденден во Куманово

Фолк пејачот Нино Величковски вели дека е раат откако тестот го направиле тој и неговата сопруга Лидија се негативни на вирусот Ковид-19. Познатиот пејач кој е директор на Фондацијата за култура и спорт во Куманово, изминатов викенд го прослави својот 66 роденден. Нино, во свој стил, на кумановски, вели дека годините убаво си ги носи.
„Да, јас го прославив мојот 66 роденден. Роден сум на 2 мај во во 1954 година, во мојот убав град Куманово. Убаво си ги носам годините. Како викаат: „Убаво ми стоив и ми личив“, по кумановски кажано. Јас сум првородено дете во фамилијата Величковски. Прво па мушко -многу се славело, бидејќи тогаш на први и на мај сите оделе на излети, пикник помодерно. Други времиња биле. Така да, со мерак ме мама Лиле родила. Имам и таква песна отпејано. Татко ми Бранко, како што рекол кумот ме пријавил во матично како Перо. Но, по наговор на тетка ми Невена, веднаш името било променето. Моето крстено име е Нинко. А сите од мали нозе ме знаат како Нино. Мајка ми, Бог да ја прости, нагалено ме викаше Нине, Нине на маму“, ни раскажа пејачот.
Величковски додава дека тој отсекогаш си ги сакал и си ги славел родендените, и една од честитките која многу го израдувала е дека допрва идат убави години.
„Прво 69, ама јас ќе работам да дочекам и 96. Па ќе видимо која поза више одговара“, вели Нино во свој стил. Величковски е познат како голем боем, но во времето на пандемијата, тој овој роденден си го прославил дома, со сопругата Лидија и со гости во две смени.
„За прв пат славам во вакви вонредни околности. Но, човек на сè се навикнува. Имавме две тури гости, за да внимаваме на препораките. Првата тура, гостите ги испративме пред 14 часот, и фајронт! Ама беше весело, од децата торти и подароци. Од внуците музика, песни, дување свеќички и отворање на шампањско. Детско, се разбира! Па, така е и спрема годините и пиењето. Втората тура бевме само домашните со мезе и ракија и некоја песна за душа- полугласно. Да не се лутат комшиите. Плус, имаме и мало внуче, да не го будиме. Но, секако песна и чашка муабет. Очекувам уште некои пријатни изненадувања, во домашни карантниски услови, од сопругата“, вели Нино. За состојбата со коронавирусот во Куманово во кое има доста заразени, пејачот вели оти се надева дека неговиот град ќе излезе како победник од оваа криза.
Откако кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски објави дека е позитивен на Ковид-19, се тестираа и неговите блиски соработници, меѓу кои и Нино Величковски.
„Се тестирав на први април, добив резултати за четири дена. Негативни бевме и јас и мојата госпоѓа. Така што, бевме малку на раат, најмногу зашто чуваме внуче кое има две години. Но, не се опуштаме и ги следиме сите препораки. Инаку, ние во Куманово како да научивме да се справуваме со разни кризи. Пред неколку години терористи. Уште пред тоа, криза со вода, речиси 60 дена. Сега со коронавирусот. Цела Црна Гора нема заразени колку Куманово. Но, ова е слободарско Куманово. Се борело и секогаш победувало! Куманово во срцето, Куманово до сонцето!“, вели Нино и додава дека нема многу неостварени желби за роденденот. Покрај четирите внуци кои се неговата најголема љубов: Бела, Мила, Огњен и Борис, тој посакува да има уште внуци и добро здравје, за како што вели: овој убав и напатен македонски народ.
М.Џаровска