НИШТО ОД РАДОСТА ЗА КАМАТИТЕ: Максималната стапка за граѓаните ќе биде 5,75 отсто, но само за новите кредити

Каматните стапки за граѓаните за постојните кредити, односно оние кои веќе ги отплаќаат кон банките, нема да се променат. Ова важи и за каматите на кредитните картички и за минусите на тековните сметки, кои веќе им се одобрени и ги користат граѓаните.
Банкарите за Фактор објаснуваат што всушност значи новата Уредба со законска сила за примена на Законот за облигационите односи за време на вонредна состојба, која Владата ја донесе на седница во четвртокот минатата недела, а веќе е објавена и во Службен весник.
Според банкарите, со новата Уредба, каматните стапки кај физичките лица максимум смеат да изнесуваат 5,75 отсто.
Но, ова ќе важи само за новоодобрените кредити за населението. Значи, сите нови договори за кредити за граѓаните што тие допрва би ги склучиле, нема да смеат да имаат камати повисоки од 5,75 отсто.
Но, ова правило нема да важи и за старите, односно за постојните кредити. Тоа значи дека сите досега склучени договори за кредити си остануваат по старо, односно нема да им се намалат каматните стапки.
Во принцип, каматите на станбените и на потрошувачите кредити се движат од 3 до 5 отсто, што значи дека се всушност и пониски од новата максимално дозволена камата, но затоа многу високи, околу 10 отсто, се каматните стапки на кредитните картички и на дозволените минуси на тековна сметка.