„Од 2017 сум професионален возач на камиони, професијата на мојот татко, родителите ме охрабрија да го живеам својот сон“: Разговор со Благица Тасевска - жена која руши предрасуди!

Иако не се среќаваат често жени зад воланот во поголеми превозни средства како автобуси или камиони, оние кои се определиле тоа да им биде животна професија докажуваат дека жените се еднакво квалитетни и професионални возачи колку и мажите.
За помалото учество на жени во бројот на професионални возачи, се одговорни некои други општествени и културни фактори, а не вродените предиспозиции на жените.
Благица Тасевска, има невообичаена професија, на многумина, дури и на нејзините родители оваа професија им била повод за скепса. Но сепак, на крајот ја охрабриле да го живее својот сон, зошто токму воланот, камионот и патувањето ѝ биле сон на Тасевска. Таа е млада девојка кој веќе 8 години активно управува со камиони и на тој начин патува низ целиот свет.
Вели го споила убавото и корисното.
-Положив за C категорија во 2016 и за Е категорија во 2017 година. Оттогаш работам како професионален возач на камион. Професијата на мојот татко, кој исто така е професионален возач, влијаеше на мојата одлука, вели Благица Тасевска за „Женски магазин“.
Иако на почетокот родителите биле загрижени како младата Благица ќе се справи со таа количина на одговорност која со себе ја носи професионалното возење камиони, таа идејата да се занимава со оваа професија ја добила токму од својот татко кој исто така бил професионален возач на камиони и често ја земал со себе на разни патувања.
-Кога бев помала, често ме носеше со себе на работа, што за мене беа незаборавни прошетки и среќни моменти. Тие искуства ме инспирираа да одлучам да бидам возач на камион, истакнува Тасевска.
За тоа како реагирале нејзините блиски на нејзиниот избор на професија, која за многу жени во нашата средина е ретка и невообичаена, Благица ни откри:
-Родителите на мојата одлука беа изненадени и скептични, со оглед на тоа дека управувањето со толкаво возило бара многу внимание и одговорност. Сепак, наместо да се спротистават, тие ме охрабрија да продолжам со својот сон. Моите другарки исто така беа позитивно изненадени и ми дадоа поддршка, уверувајќи ме дека ќе ги совладам предизвиците на оваа работа.
Благица Тасевска е доказ дека кога го работите тоа што го сакате, всушност не работите ниту една секунда, туку работата ви создава задоволство. Сепак смета дека нејзината професија треба да се цени многу повеќе, бидејќи е тешка и одговорна, но со својот пример ги орхабрува и другите жени да се одлучат на истиот чекор како и таа, доколку за тоа имаат лична желба.
-Секојдневните предизвици што ги носи работата ги совладам со многу љубов и трпение. Не се чувствувам дека сум на работа, туку дека патувам и откривам нови места. Платата во оваа професија е повисока од онаа во поголемиот дел од другите професии, но сметам дека возачите на камиони заслужуваат да бидат поценети и да примаат подобри плати заради ризиците со кои се соочуваат, отсуството од домот, недостатокот на нормален сон и живот, вели Тасевска.
Таа е на листата жени од Македонија со невообичаени професии, која храбро ги поставува темелите на новото општество во кое жените ќе имаат повеќе шанси, чесно и без предрасуди од околината, да се борат за својата иднина, иднината на своето семејство и на крајот да го уживаат правото да ја избираат и работат професијата која за нив значи исполнување на нивниот сон.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов













